Володимир Зеленски се сретна со претседателот на Судан: Претседателот на Украина разговараше за руските паравоени формации во двете земји

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денес соопшти дека на ирскиот аеродром „Шенон“ имал импровизирана средба со неговиот судански колега Абдел Фатах ал Бурхан, со кого разговарал за руските паравоени формации.

Разговаравме за заедничките безбедносни предизвици, особено за активностите на нелегалните вооружени групи финансирани од Русија“, напиша Володимир Зеленски во објава на социјалната мрежа Телеграм.

Тој му се заблагодари на Судан, каде има граѓанска војна, за неговата поддршка за територијалниот интегритет на Украина.

Руската приватна воена компанија Вагнер дејствува во Украина од почетокот на руската инвазија. Западните дипломати и медиуми велат дека групата е активна и во Судан, иако таа тоа го негира.