Војната во Украина: Долгата рака на Москва во Германија

По протерувањето на руските дипломати, Канцеларијата за заштита на Уставот ја регистрира новата шпионска стратегија на Кремљ во Германија и предупредува на опасностите.

-Руската војна против Украина значи и пресвртница за внатрешната безбедност, изјави германската министерка за внатрешни работи Ненси Фесер, презентирајќи го извештајот на Канцеларијата за заштита на уставот во Берлин за 2022 година.

До неа е Томас Халденванг, претседател на Федералната канцеларија за заштита на уставот (BfV), односно внатрешната тајна служба или државната безбедност. 

-Повторно се зголемија заканите од руската шпионска активност, нагласи тој.

Како одговор, Германија веднаш по почетокот на војната протера 40 руски дипломати кои беа акредитирани во амбасадата во Берлин и беа осомничени за шпионажа.

И покрај тоа, шефот на BfW очекува уште обиди за влијание од страна на Кремљ во иднина.

Путин е поопасен од Кина

-Дури и ако таквите мерки имаат ефект на краток рок, Русија ќе ги прилагоди своите методи и ќе дејствува на потаен и поагресивен начин во иднина. Кога го вели тоа, Халденванг мисли на кибер нападите и нелегалните службеници на тајните служби кои би можеле да се движат низ Германија со лажни идентитети. И во споредба со другите земји, особено со Кина, тој смета дека Владимир Путин е поопасен.

Во принцип, може да се каже дека руските служби се поробусни и ги користат сите средства, понекогаш дури и оние за кои мислите дека постојат само во филмовите. 

-Во последниот случај, руските служби се способни да убиваат луѓе, тврди шефот на BfW.

Се повеќе руска пропаганда

И Канцеларијата за заштита на Уставот е загрижена поради зголемената пропаганда на Кремљ во Германија. Тие вклучуваат проруски групи кои одобруваат нелегална војна за агресија во Украина. Нивната цел, како и целта на рускиот претседател Владимир Путин е следна: да ги придобијат луѓето од поранешниот Советски Сојуз кои сега живеат во Германија.

-Путин таа група луѓе ја гледа како „свои Руси“, луѓе на кои сака да влијае, истакнува Халденванг. 

Сепак, тој вели дека рускојазичната дијаспора во Германија генерално не е подложна на руска пропаганда.

Најголемата закана: десничарските екстремисти

Се појавува мешана слика кога се гледа левичарскиот екстремистички спектар. Според извештајот на разузнавањето, војната таму е остро осудена. 

-Сепак, делови од сцената не ја сметаат само Русија за агресор, туку и НАТО, САД и Западот воопшто, или империјализмот, како причина за војната, вели Халденванг.

Дури и меѓу десничарските екстремисти, Канцеларијата за заштита на Уставот забележува обиди за капитализирање на војната за агресија. 

-Меѓутоа, тие провокатори не успеаја да се мобилизираат низ целата земја за своите постапки.

Сепак, десничарскиот екстремизам останува најголемата закана за слободниот, демократски поредок и безбедност, нагласуваат и Томас Халденванг и министерката Ненси Фесер.

Заклучокот на двајцата е дека „е зголемена заканата од шпионажа, кибер напади и кампањи за дезинформации – главно од Русија од почетокот на војната во Украина. Но, во фокусот се и други земји: Кина, Иран, Северна Кореја и Турција.