“ВОЈНАТА ПРОДОЛЖУВА!“ – Хамас тврди дека во овој момент не се можни преговори со Израел

Не се можни преговори со Израел во моментов, бидејќи воените дејствија продолжуваат, соопштил во понеделникот за AFP официјален претставник на палестинскиот Хамас со седиште во Доха.

Претходно во понеделникот, медиумската агенција Reuters објави, повикувајќи се на свои извори, дека катарските посредници преговараат со претставници на Хамас за ослободување на киднапираните израелски жени и деца кои ги држеше Хамас во Појасот Газа, во замена за 36 палестински жени и деца кои се наоѓаат во израелските затвори.

Воената операција продолжува и отпорот под водство на бригадите Ал Касам (вооруженото крило на Хамас) продолжува да ги брани правата на нашиот народ, затоа сега не се можни преговори за размена на заробеници или нешто друго со Израел“, рекол Хосам Бадран, член на политичкото биро на Хамас во Доха, главниот град на Катар.

Нашата мисија отсега е да направиме се за да го спречиме окупаторот да го коле нашиот народ во Појасот Газа, кој е директно насочен кон цивилни згради“, порачува тој.

Израелската Армија нареди целосна блокада на Појасот Газа, територијата со која управува палестинското исламистичко движење Хамас, во понеделник, трет ден откако Хамас започна ненајавена и невидена офанзива против Израел.

Се зголемува бројот на жртви од двете страни, а според последните податоци вкупно загинале над 1.200 луѓе.

Израел одговори на нападот на Хамас со најтешкото бомбардирање на Појасот Газа досега, и можеби размислува за копнен напад на територијата од која се повлече пред речиси две децении.