Во Бугарско-македонската мешовита комисија се расправа за учебници за седмо одделение и за заеднички прослави

Предлози-препораки за македонски учебници за седмо одделение, како и можни заеднички прослави, беа тема на 34. состанок на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија, што се одржа пред два дена во Скопје.

„Се разговараше за предложените препораки за македонски учебници за VII одделение, а се разговараше и за можни заеднички прослави на кои беа истакнати различните позиции на двете страни“, соопштија од македонскиот експертски тим.

Состанокот, додаваат, помина во динамична и конструктивна атмосфера, за прашања од делокругот на работата на Комисијата, а во оваа прилика беа усогласени и одобрени преостанатите записници и транскрипти од работата на Комисијата во 2023 година.

„Во духот на градењето доверба, македонскиот дел од Комисијата се стреми да одржи проактивен пристап, во согласност со позитивните европски практики и искуства“, се вели во соопштението на македонскиот тим.

Следниот состанок на Комисијата ќе се одржи во април во Софија.

Претходната средба се одржа на 12 и 13 декември во Софија, на која се разговараше за можни заеднички прослави, препораки за македонски учебници за 7 одделение и утврдување на динамиката на работа за првата половина на 2025 година.

Кон крајот на октомври минатата година во Скопје се одржа состанок на Мешовитата комисија, која беше прва од новиот состав на македонскиот тим со нивните колеги од бугарска страна. Ко-лидерот на бугарскиот тим, Ангел Димитров, веднаш по средбата изјави дека станува збор „повеќе за запознавање“ и „од техничка гледна точка“.

Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања е формирана како резултат на Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија потпишан на 1 август.