Во Германија започнува тестирањето на четиридневната работна недела: Работете помалку време за иста плата
Во 45 компании ширум Германија започна имплементацијата на четиридневната работна недела при што ќе се утврдат ефектите од четиридневната работна недела врз платата како што беше во петдневната работна недела. Тестирањето ќе трае половина година.
Иницијативата за четиридневна работна недела ја предводи берлинската консултантска компанија Intraprenor во соработка со непрофитната организација 4 Day Week Global (4DWG). Застапниците за скратување на работната недела се надеваат дека тоа ќе ги направи работниците посреќни и попродуктивни во време кога растот на продуктивноста во Германија е бавен и има недостиг на работна сила.
Според податоците на Централната банка на Германија (Deutsche Bundesbank), врвот на продуктивноста во оваа земја бил во ноември 2017 година и оттогаш континуирано се намалува. Сепак, таа продуктивност е сè уште далеку повисока од онаа на другите големи европски економии.
Според поддржувачите на четиридневната работна недела и повеќето од оние кои имаа можност да работат четири дена во неделата, тоа ќе ја зголеми благосостојбата на работниците, ќе ги направи попродуктивни. Се верува дека тоа би ги поттикнало оние кои не сакаат да работат бидејќи сметаат дека петдневната работна недела е предолга за да се вработат. Затоа, постои можност за ублажување на проблемот со недостигот на работна сила.
Германската трговска и индустриска комора (ДИХК) во ноември 2023 година објави дека половина од германските компании се борат да пополнат работни места. Извршниот директор на ДИХК, Ахим Деркс, истакна дека илјадници непополнети работни места минатата година предизвикале загуба од 90 милијарди евра, што е повеќе од два отсто од БДП на Германија.
Според истражувањето на компанијата Форса, 71 отсто од вработените Германци сакаат да можат да работат четири дена во неделата. Повеќе од три четвртини ја поддржуваат одлуката на Владата да размислува за воведување четиридневна работна недела, а двајца од тројца работодавачи исто така ја поддржуваат одлуката на Владата.
Значително мнозинство (75 проценти) веруваат дека четиридневната работна недела би била пожелна за вработените, додека 59 проценти сметаат дека тоа би било прифатливо за работодавците. Речиси половина од работодавците (46 проценти) веруваат дека тестирањето на четиридневната работна недела е изводливо на работното место.