Во дебарското муфтиство за настраданите подрачја во Турција собрани над 1,2 милиона денари 

 Во собирањето парични средства за настраданите подрачја во Турција се вклучи и  дебарското муфтиство, кое ги опфаќа општините Дебар, Центар Жупа и подрачјето на Река, општина Маврово и Ростуше.

– Се потрудивме во рамки на  нашите можности да се солидаризираме со  турскиот народ кој беше погоден од катастрофалниот земјотрес.

Го молиме Возвишениот Алах на погинатите да им се смилува, на повредените да им даде што побрзо оздравување, а на семејствата кои ги изгубија своите најблиски трпение и награда во двата света. Сите дарители  Аллах  да ги благослови и да им даде секое добро, стои во објавата на муфтиството.

Во објавата има и преглед на донираните средства по џамиите каде можело да се даруваат финансиски средства.

 Според прегледот во пет џамии  во Дебар,  како и оние во дебарските села Долно Косоврасти, Могорче и Џепиште, потоа џамијата во Центар Жупа и село Баланци, како и долнореканските села Скудриње, Присојница и Велебрдо, општина Маврово и Ростуше собрани се 1.284.327 денари или 29.985 евра.

За настраданите подрачја во Турција и Сирија од поширокото дебарско подрачје и претходно доделени се финансиски средства и хуманитарна помош.

 Советот на општина Дебар додели 300 илјади а советниците пола од месечниот надоместок, додека советите на двете други општини по 500 илјади денари а советниците на Центар Жупа го донираа едномесечниот надоместок.

Во двете основни и нивните подрачни училишта и гимназијата во Центар Жупа учениците и нивните професори собраа над 500 илјади денари.

Жителите од Долно и Горно Косоврасти и селата од Долна Река испратија шлепер со хуманитарна помош, кебиња, облека, детска храна, конзервирани прехрамбени артикли и хигиенски пакети.