Во израелските напади врз Газа во изминатите 24 часа загинаа 178 Палестинци, вкупниот број се искачи на 25.105

 – Најмалку 178 Палестинци загинаа, а 293 се повредени во последните 24 часа, израелските сили продолжуваат со нападите врз опколениот Појас Газа, соопшти денес Министерството за здравство на Газа.

„Израелската окупација изврши 15 масакри врз семејства во Појасот Газа, оставајќи 178 жртви и 293 повредени во текот на изминатите 24 часа“, објави Министерството.

„Многу луѓе сè уште се заробени под урнатините и на патиштата бидејќи спасувачите не можат да стигнат до нив“, се наведува во соопштението.

Со последниот број загинати, билансот на загинати во тековните напади на Израел врз Појасот Газа од 7 октомври се искачи на 25.105, а бројот на повредени на 62.681, соопшти Министерството.

Израел започна напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври, во кој Тел Авив вели дека загинати се речиси 1.200 Израелци.

Поради израелската офанзива 85 отсто од населението на Газа е внатрешно раселено, постои акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништена, според Обединетите нации (ОН).