Над 300 лица се хоспитализирани поради стомачна норовирусна инфекција на езерото Гарда во северна Италија, а се претпоставува дека луѓето се заразиле преку водата од градскиот водовод, соопштија денеска властите.
Повеќе од 900 случаи на инфекција со норовирус се регистрирани во општината Тори дел Бенако на источниот брег на езерото, која има само 3.000 жители и инаку е популарна туристичка дестинација, објави РАИ.
Заразените имаат симптоми како што се дијареа, гадење, грчеви и треска.
Во таа општина водата се дели бесплатно и жителите беа повикани да купат флаширана вода.
Италијанските весници објавија дека појавата на вирусна инфекција е поврзана со зголемувањето на нивото на езерото по обилните дождови во последните недели, што доведе до преоптоварување на канализациониот систем.
Надлежните ги повикаа жителите да не користат вода од чешма ниту за лична хигиена ниту за подготовка на храна.
Норовирусот е многу заразен, но обично е краткотраен, а симптомите исчезнуваат по половина ден до два дена. Вирусот може да се пренесе не само преку контаминирана вода, туку и преку храна. Норовирусите се група на вируси кои предизвикуваат стомачен грип или гастроентеритис.