Во Италија утре ‘Ден на национална жалост’ поради смртта на поранешниот премиер Силвио Берлускони

Италија се подготвува да се збогува со поранешниот премиер и лидер на централнодесничарската партија Форца Италија, медиумскиот магнат и милијардер Силвио Берлускони.

Италјанските медиуми пренесуваат дека италијанската Влада утрешниот ден го прогласи за национален ден на жалост, на денот кога ќе биде организирана државната погребна церемонија во миланската катедрала.

Италијанските и европските знамиња се веат на половина копје на јавните згради во Италија и на дипломатските и конзуларните згради во странство.

Погребот на Силвио Берлускони ќе се одржи во 15 часот, а церемонијата ќе ја предводи миланскиот надбискуп монсињор Марио Делпини.

На плоштадот пред катедралата се поставени големи екрани за јавноста да може да го следи погребот.