Во Кочани осамна најтажниот ден: Молк во градот, денеска ќе бидат погребани жртвите од пожарот

Погребите на загинатите во страотниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска ќе се одржат во повеќе градови во Македонија.

Екипата на Телеграф е во Кочани каде во 12 часот на градските гробишта ќе бидат погребани 39 жртви.

Ден пред погребот, како и претходните денови, во Кочани владееше молк. На секој чекор по улиците на Кочани се ставаат умреници на младите жртви, а на градскиот плоштад мештаните палат свеќи за жртвите и се потпишуваат во книгите на жалост, покрај кои се нивните врамени фотографии со црни цветови.

Тишината на плоштадот ја прекинаа двајца млади момчиња кои дојдоа да ја залепат умреницата на починатиот близок, додека присутните им пријдоа, ги прегрнуваа и плачеа со нив.Македонија Кочани

Потресот од трагедијата што го снајде местото се уште е забележлив меѓу мештаните, многумина шетаат по улиците со наведнати глави бришејќи ги солзите.

Бидејќи се работи за мал град, а бројот на жртвите е голем, речиси и да нема човек кој не познавал една од жртвите.

Граѓаните изминатите денови излегоа на улица, гневни за се што се случи, а трагите од тој гнев се уште се видливи во градот, особено во кафулето на сопственикот на дискотеката. Сепак, вчера атмосферата беше сосема поинаква – тој гнев се претвори во тага додека се подготвуваа за денешниот погреб, кој секако ќе биде исклучително тежок за сите.

Жителите на Кочани не паметат трагедија од оваа големина , жалат по младите и истакнуваат дека не можат ни да замислат низ што се соочуваат нивните семејства, но и дека тоа што се случи ги погоди сите во градот.