Во Оснопвниот кривичен суд денеска е закажано рочиште во кое ќе биде објавена пресудата за Васил Јованов, кој ја прегази Фросина Кулакова на „Партизанска“ во Скопје. Сообраќајката се случи во јануари годинава во близина на Универзална сала.
Според обвинението, Јованов на 29 јануари без возачка дозвола управувал возило со брзина од 91 километри на час. На пешачки премин на црвено светло удрил во Кулакова, која поминувала на зелено светло. Кулакова од силината на ударот починала на лице место. За делото за кое се товари Јованов, е предвидена затворска казна до 20 години.
ЈО поднесе обвинителен предлог и против таткото на Васил, Зоран Јованов, кој се товари за кривично дело „предизвикување општа опасност“. Според обвинението, тој му дозволувал на својот син да управува со патничко моторно возило „Пежо 207“ и покрај тоа што знаел дека е сторител на сообраќајни прекршоци и дека нема возачка дозвола.
На минатото рочиште се изведуваа докази кои се однесуваат на висината на казната, а Јованов го призна делото.
Обвинителот Александар Марковски, како докази за одмерување на видот и висината на казната, пред судот го наведе тоа што за Јованов има правосилна пресуда со казна затвор од три години и десет месеци и пет прекршочни постапки кои не се процесуирани за разни сообраќајни прекршоци.