Во Македонија годишно умираат над 3.800 луѓе поради загадениот воздух

Во Македонија годишно има 3.828 смртни случаи поради загаден воздух, што е 17,7 отсто од вкупната смртност во земјава, се вели во извештајот на Мирјана Димовска, раководител на одделението за безбедна вода, санитација на животната средина и здравствена екотоксикологија при Здравствениот завод.

Според наодите од извештајот, се проценува дека сегашното ниво на загаденост на воздухот се припишува на 195 смртни случаи поради исхемична срцева болест , што претставува 18,1 отсто од вкупната смртност во Македонија.

„Загадувањето на воздухот се смета за најголема еколошка закана во светот за здравјето на луѓето, со седум милиони смртни случаи ширум светот секоја година. Загадувањето на воздухот предизвикува и влошува голем број на болести, почнувајќи од астма до рак, болести на белите дробови и срцеви заболувања. Загадувањето на амбиенталниот воздух и честичките, една од главните компоненти на загадениот воздух, се класифицирани како канцерогени за луѓето од страна на Меѓународната агенција за истражување на ракот“, вели д-р Димовска.

Во европскиот регион, речиси секој поединец е погоден од загадениот воздух, при што над 90 проценти од граѓаните се изложени на годишно ниво на штетни ситни честички.

„Луѓето во Македонија, и воопшто луѓето од Балканот и од Источна Европа, дишат повеќе токсичен воздух загаден со штетни честички од нивните соседи во Западна Европа. Балканскиот регион е дом на многу единици на јаглен и лигнит, како и 7 од десетте најзагадувачки електрани на јаглен во Европа. Девет од десет луѓе дишат воздух што ги надминува упатствата на СЗО за високи нивоа на загадувачи, при што земјите со низок и среден приход страдаат од најголема изложеност. СЗО тврди дека 56 отсто од градовите во земјите со високи приходи не ги исполнуваат упатствата за квалитетот на воздухот“, нагласува Димовска.