Ова лето, Детската клиника за белодробни заболувања-Козле бележи зголемување на бројот на посети во споредба со претходните години. Само во текот на изминатиот викенд биле извршени над 200 прегледи. Доктор Елена Ѓиновска вели дека најпогодени од сезонските заболувања се децата до една година, кои ја сочинуваат категоријата најподложни на инфекции и компликации во текот на летниот период.
„Во овој период, за разлика од летата од претходните години, бројот на пациенти е зголемен. Доминираат гастроинтестиналните симптоми, односно дијареја, повраќање и висока температура, ова се најчестите причини зошто децата се јавуваат на клиниката. Во текот на викендот имаме околу 250 амбулантски прегледи, додека бројот на хоспитализации не е како во зимскиот период“, изјави Елена Ѓиновска Тасевска, докторка.
Во овој период, кога инфекциите се јавуваат почесто, лекарите препорачуваат децата првично да се лекуваат дома, додека матичните лекари ја проценуваат потребата од специјализиран третман.
„Прво, хидрирајте го детето дома, дајте му доволно течности, дајте му лекови против температура, а доколку е потребно, ако трае повеќе од два дена, посетете го матичниот лекар и потоа тој ќе процени кои пациенти треба да се упатат во нашата клиника за нешто посериозно или евентуално хоспитализација на децата“, вели Елена Ѓиновска Тасевска, доктор.
Моментално, на Клиниката Козле се хоспитализирани 35 пациенти, каде што најчесто се лекуваат случаи со проблеми на внатрешниот гастроинтестинален систем и респираторни заболувања.