– Граѓаните на Мали денеска гласаат на референдум за нацрт уставот, за кој предводникот на државниот удар полковник Асими Гоита тврди дека подобро ќе се организира власта за нови избори следната година.
Додека неговите критичари тврдат дека тоа е тактика за останување на власт. Имамот Махмуд Дико, противник на воената хунта, вчера ги повика своите поддржувачи во Бамако да гласаат против предложениот устав.
Со предложениот нацрт устав се создава дводомен Парламент, Национално собрание и Сенат, додека досега земјата имаше само Национално собрание.
Нацртот, исто така, му дава повеќе овластувања на претседателот на Мали, потег што предизвика најголеми политички судири.
Според актуелниот Устав, кој беше усвоен во 1992 година, „Владата ја одредува и води политиката на нацијата“ додека новиот устав предвидува владата да „ја води политиката на нацијата, како што ја одредува претседателот“.