Во новиот музеј во Мадрид ќе биде изложено импресивното кралско богатство

 Нов музеј со импресивни богатства собрани од шпанските монарси во последните пет века ги отвора вратите во Мадрид, кон крајот на месецов.

Сместена спроти Кралската палата, Кралската галерија се отвора на 29 јуни. Во новиот музеј ќе може да се видат слики, таписерии, мебел и луксузни кочии.

Повеќето од 650-те експонати никогаш не биле видени од јавноста. Некои од делата се наоѓале на бројни историски локалитети низ Шпанија.

Меѓу ремек-делата на колекцијата ќе биде и сликата на Диего Велскез со коњ без јавач. „Белиот коњ“ последен пат беше прикажан на јавноста во 2015 година на привремена изложба во Париз.

До сликата ќе биде поставена огромна таписерија од 16 век која некогаш била во сопственост на шпанската кралица Изабела и која Министерството за култура ја купило за милион евра во февруари.

Предмет што исто така привлекува внимание е првото издание на „Дон Кихот“ на писателот Мигел де Сервантес. Тој роман се смета за едно од најголемите книжевни дела.

Уметничката колекција вклучува слики од италијанските мајстори Караваџо и Јакопо Тинторето и шпанскиот сликар Франциско Гоја, чии дела го отсликуваат турбулентното минато на земјата.

Модерната зграда, која ќе биде дом на вековните кралски богатства, освои неколку архитектонски награди.