Во Општина Центар субвенционирани 144 велосипеди и електрични тротинети

 Во рамки на годинашниот проект „Цел Центар на точак“, Општина Центар субвенционира вкупно 144 велосипеди и тротинети. Секој полнолетен жител имаше право на еднократна субвенција во висина од 30 проценти од цената, но не повеќе од 3.000 денари.

Од Општина Центар информираа дека заврши можноста за аплицирање за субвенции за купување нов велосипед, електричен велосипед и електричен тротинет, бидејќи е исполнета квотата за субвенционирање.

– Со спроведувањето на оваа акција се реализира и поставената цел за обезбедување поздрав живот, поздрава животна средина и помал сообраќаен метеж низ улиците во Општина Центар. Општина Центар информира дека во случај да се предвидат нови средства за оваа намена, граѓаните ќе бидат навреме информирани преку веб-страницата на Општината, социјалните мрежи и средствата за јавно информирање, се наведува во соопштението од Општина Центар.