Во падот на авионот во Казахстан преживеаја 32 луѓе

Најмалку 32 лица го преживеаја падот на патничкиот авион на Азербејџан ерлајнс (АЗАЛ) кој утрово се урна во близина на аеродромот на градот Актау во Казахстан.

На меѓународниот аеродром „Хајдар Алиев“ во Баку се одржа прес-конференција за авионската несреќа во Актау.

Портпаролот на авиокомпанијата Ферид Хусејнов изјави дека во авионот имало пет членови на екипажот и 62 патници, значи вкупно 67 лица.

Тој летал на релација Баку-Грозни, но поради маглата го променил курсот во правец на Актау.

Хусејнов изјави дека 37 патници се државјани на Азербејџан, 16 на Русија, шест на Казахстан и тројца на Киргистан.

Кенан Зејналов, функционер на главното јавно обвинителство на Азербејџан изјави дека според првичните информации, несреќата ја преживеале 32 лица и дека им била укажана лекарска помош.

Авион „Ембраер 190“ на АЗАЛ, кој бил на лет од Баку за Грозни, се урна во близина на Актау.

„Авионот се запалил по падот, а службите за итна помош работат на гаснење на пожарот“, објави Министерството за вонредни состојби.