Во Пентагон ѕвонат аларми: Кина сега има најголема морнарица во светот, со капацитети 200 пати поголеми од оние на САД
Кина ја изгради најголемата морнарица во светот и ги трансформираше своите бродоградилишта во глобални гиганти во текот на изминатите две децении. Денес, повеќе од 60 проценти од нарачките за бродови во светот одат во кинеските бродоградилишта, а воената флота на Пекинг има повеќе бродови од американската.
Експертите предупредуваат дека оваа неверојатна брзина на производство би можела да ја промени стратешката рамнотежа на моќ на морињата и да ја загрози долгогодишната доминација на САД.
Додека пензионерите во паркот Суојуван во Далиан пеат караоке за моќта на Комунистичката партија, силуетите на најголемите бродоградилишта во светот се издигаат зад нив. Токму таму, во североисточна Кина, се појавува поморска сила која сè повеќе го загрижува Западот, пишува Би-Би-Си.
Во текот на изминатите две децении, Кина инвестираше огромни суми во бродоградба, што резултираше со тоа што повеќе од 60 проценти од глобалните нарачки сега одат во кинеските бродоградилишта. Експертите велат дека бродоградбениот капацитет на Кина е 200 пати поголем од американскиот.
Според Меѓународниот институт за стратешки студии, Кина моментално има 234 воени бродови, што е повеќе од американската морнарица, која има 219. Иако САД сè уште имаат технолошка предност и поголеми носачи на авиони, јазот меѓу двете сили брзо се намалува.
„Обемот на бродоградбата во Кина е зачудувачки. Брзината со која тие произведуваат воени бродови би можела да направи стратешка разлика“, вели Александар Палмер од Центарот за стратешки и меѓународни студии (CSIS).
Кина брзо ја модернизира својата морнарица, гради нови бази на Хаинан и развива подморници способни да носат нуклеарни ракети. Исто така, најавува воведување на нови беспилотни подводни системи кои би можеле да ги следат непријателските подморници и подводните кабли.
Претседателот Си Џинпинг нагласува дека силната морнарица е од суштинско значење за заштитата на националната безбедност и често се потсетува на „понижувачки периоди на странски инвазии“ помеѓу 19-тиот и 20-тиот век. Политиката на таканаречена „воено-цивилна фузија“ ѝ овозможува на Кина да ги користи истите капацитети и за трговски и за воени бродови, што дополнително го забрзува процесот.
Иако Кина сè уште има ограничувања – само два носачи на авиони и помалку подморници од САД – експертите предупредуваат дека брзината на нејзиниот напредок не треба да се потценува. Пентагон стравува дека во случај на долготраен конфликт, способноста на Кина брзо да гради нови бродови би можела да биде клучна.
Прашањето што најмногу го загрижува Вашингтон сега е колку далеку од сопствените брегови Кина може и ќе дејствува. Нејзините воени игри околу Јапонија и Австралија покажуваат дека Пекинг сè похрабро се осмелува да навлезе во отвореното море.
САД веќе започнаа иницијативи за ревитализација на домашното бродоградилиште, а претседателот Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која се обидува да ја врати американската поморска супериорност. Но, аналитичарите предупредуваат дека ова ќе биде „многу тешка задача“ со оглед на предноста што Кина веќе ја постигна.