Повеќе европски држави дозволуваат влез и излез на нивните гранични премини со пасош со старото уставно име – Република Македонија, покажува праксата од изминатите неколку дена, вели доброупатен дипломатски извор за „360 степени“.
Од членките на ЕУ и на Шенген, станува збор за Германија, Швајцарија и Бугарија, а нивниот пример не е исклучено да го следат и други држави во Европа. Во овие земји има многубројна дијаспора од Македонија, која е со постојан работен ангажман, па државите не сакаат да ја стават во ризик домашната економија, со оглед на проблемите со замената на патните исправи на македонските државјани согласно роковите во Преспанскиот договор.
Од земјите во регионот, со стар пасош може да се патува и во Албанија и во Косово.
Како што вели изворот за „360 степени“, официјално известување за ваквите одлуки не треба да се очекува од овие држави зашто не би сакале да се доведат во непријатна позиција пред Грција.
Ако праксата продолжи и се прошири, тоа ќе го намали и притисокот врз амбасадите и конзулатите на РСМ за аплицирање за нови документи, но и за издавање патни листови.
Дека Швајцарија и понатаму ги признава старите пасоши, потврди министерот за надворешни работи Бујар Османи при посетата на Амбасадата на РСМ во Берн, Швајцарија, каде што покрај базната донесе и мобилна станица за фотографирање и издавање пасоши.