Во Сараево босанската полиција го следи секој чекор околу зградата на Владата на Република Српска

Утрово во источно Сараево се уште е на сила вонредната состојба, а босанската полиција го надгледува секој чекор околу зградата на Владата на Република Српска.

По синоќешната драма кога припадници на МВР на Република Српска спречија тројца босански полициски инспектори да му достават налог за апсење на претседателот Милорад Додик, ситуацијата пред зградата на Владата на Република Српска во источно Сараево утринава е помирна, но се уште има голем број полицајци.

По одржаниот состанок во Административниот центар на Владата на Република Српска источно од Сараево, на кој присуствувал и Додик, пред капијата на овој објект пристигнале тројца босански полициски инспектори.

Ова е прв „обид“ да се уапси Додик на сослушување откако беше распишана потерницата, пренесува Телеграфи.

Босанската полиција соопшти дека им се заканувале со употреба на сила во обид да го фатат Додик. Поради оваа причина, овој чин на припадник на Министерството за внатрешни работи на Република Српска треба да се документира како кривично дело „Вооружен бунт“.

Оваа ситуација ја коментираше и самиот Додик на прес-конференција одржана синоќа.

„Дали некој навистина мисли дека полицијата, чија должност е да ги штити институциите, ќе се поклони пред окупаторската сила наречена босанската полиција, Судот, обвинителството и Шмит? Тој човек е будала“, рече Додик.

Тој додаде дека се чувствува безбедно и дека „нема да го напушти објектот под притисок“.

Синоќешната заштита на Додик вклучуваше припадници на полициската управа во Источно Сараево, припадници на жандармеријата на Министерството за внатрешни работи на Република Српска и на Специјалната антитерористичка единица (САЈ).

Сите тие стоеја вооружени пред босанските инспектори на СИПА, не дозволувајќи им да влезат во зградата.

Инаку, Судот на Босна и Херцеговина претходно распиша потерница за Милорад Додик, како и за премиерот на Република Српска, Радован Вишковиќ и претседателот на Народното собрание на РС, Ненад Стевандиќ.