Советникот во Град Скопје, Дарко Кирков, алармира дека во скопската Зоолошка градина повторно угинале животни – овој пат две лами, при што тврди дека институцијата го прикрива случајот. Според него, поморот трае со години, а состојбата ја опишува како „вистински хорор“.
„Нашата, Скопската Зоолошка е една хорор приказна изминативе 3,5 години. Ја нареков куќата на стравот со цел некоја ‘умна’ глава да превземе нешто за ова што ѝ се случува на оваа установа“, напиша Кирков на своите социјални мрежи.
Тој потсетува дека „откако Арсовска дојде на чело на Скопје и со поставување на нејзините ‘професионални’ кадри за директори, во Скопје ЗОО угинаа повеќе од 40 егзотични животни, дел од нив под сомнителни околности“.
Како што вели, последните два случаи на угинати лами се случиле пред четири до пет дена. „За нив неофицијално се раскажува дека подолго време појавувале симптоми на туберкулоза“, посочува Кирков. Тој додава дека и пред само еден месец починале уште две лами, за кои „се знаело, наводно, дека боледуваат од истата болест – туберкулоза“.
Според него, вработените биле изложени на ризик и притисок, а истовремено и посетителите. „Неколку дена претходно, вработените имале голем притисок и мобинг од горенаведените да влегуваат во живеалиштата на ламите без никаква хтз или заштитна опрема“, вели Кирков и предупредува дека симптомите кај животните биле „видливи“, а тие не биле изолирани.
Кирков тврди дека директорот во сенка, Стаменов, заедно со директорот на хартија, Попов, наредиле информацијата за угинувањето на ламите да се сокрие и да не се објавува. „До таму идат што и покрај законската обврска да ја известат АХВ, тие тоа не го прават. АХВ дознаа утрово од мене“, вели тој.
Тој јавно ја прашува градоначалничката: „Данела Арсовска, што уште ќе му направиш на Скопје?“
Апелира до новинарите и здруженијата за заштита на животни да реагираат:
„Ги охрабрувам сите новинари, друштва за заштита на животни да го испитаат ова и да ги побараат одговорите и одговорноста од таму кај што треба. Јас, како Советник во Град Скопје, како и секогаш, истото ќе го направам“, заклучува Кирков.
СК1 го контактираше директорот Зоран Попов за да побара детали. Доколку одговори на пораката, ќе ги проследиме одговорите. Не е првпат медиуми и активисти да откриваат дека угинале животни во Зоолошката, пред тоа да го направи самата институција.