Во Скопје отворен Меѓународниот саем на книга

Во рамките на програмата, се очекува присуство на голем број интересни домашни и странски автори, со промоција на нови книги во официјалниот Промотивен центар во Арената „Борис Трајковски“

Во Скопје се отвори годинешното јубилејно 35. издание на Меѓународниот саем на книга.

Организаторот, Скопски саем, најавува богата седумдневна програма со над 60 издавачки куќи, а се очекува бројот на посетители да се искачи и до 30.000, како пред пандемискиот период.

Во рамките на програмата, се очекува присуство на голем број интересни домашни и странски автори, со промоција на нови книги во официјалниот Промотивен центар во Арената „Борис Трајковски“, додека на штандовите на издавачите се најавуваат едукативни работилници и цртање за најмладите посетители, како и средби со автори и потпишување книги.

Министерството за култура на Северна Македонија е традиционален покровител на Саемот.

Саемот на книга оваа година ќе трае од денес до 10 мај, а се одржува во Арената „Борис Трајковски“, секој ден од 10 до 20 часот.

Надлежните информираат дека во редовниот линиски превоз во Скопје се вклучени две привремени линии, 100 и 200, кои сообраќаат до Арената „Борис Трајковски“.

Цената на редовна влезница ќе изнесува 80 денари, а цената за организирани групи ученици ќе изнесува 50 денари по лице.