„ВО СЛУЧАЈ НА ВОЈНА“ Премиерот на Шведска: Можно поставување на американско нуклеарно оружје на наша територија
Шведскиот премиер Улф Кристерсон не ја исклучи можноста за поставување нуклеарно оружје на Соединетите Американски Држави на шведска територија во случај на војна.
Во интервју за шведското радио „П1 Моргон“, Кристерсон одговори на прашање за Договорот за одбранбена соработка, за кој парламентот ќе гласа во јуни, а кој, меѓу другото, дава дозвола на САД да користи 17 воени бази на шведската армија на нејзина територија, но во која не ја споменува забраната за вклучување нуклеарно оружје.
Шведската влада смета дека ваквото исклучување не е неопходно бидејќи веќе постои парламентарна одлука со која се забранува нуклеарно оружје на шведска територија во мирнодопски услови, пишува шведскиот портал Екпресен.
– Ако има војна на наша територија во која е вмешана Шведска, тогаш ситуацијата е сосема поинаква. Ако се случи најлошото, демократските земји во нашиот дел од светот, се разбира, мора да бидат способни да се одбранат од земјите кои би можеле да им се закануваат со нуклеарно оружје – рекол Кристерсон.
Тој додаде дека целта на членството во НАТО е да се избегне таква ситуација и оцени дека Русија немаше да ја нападне Украина доколку беше членка на Северноатлантската алијанса.