Во главното „столче“ на Агенцијата за Администрација ќе седне нов директор, а се знае кој ќе биде и заменик. Оваа институција наскоро со нови раководители. Предлогот на Владата за именување нов директор и негова замена веќе стаса пред народните избраници, кои најверојатно ќе го изгласаат овој предлог.
Како што се посочува во документот, Владата на седница веќе одлучила да му предложи на Собранието за директор на Агенцијата да ја именува Љубица Караманди Попчевски, доктор на правни науки. Додека Мухамед Красниќи,магистер по правни науки ќе го добие заменичкото место, поточно ќе стане заменик на директорот на Агенцијата за администрација.
Новите раководители на Агенцијата ќе ја имаат задачата да управуваат со оваа институција во следните шест години.
Согласно податоците кои Владата ги испрати до Собранието, директорката Караманди Попчевски доаѓа од приватниот сектор, но има искуство и во државна администрација.
Нејзината биографија открива дека до пред назначувањето била вработена во нејзина адвокатска компанија, а до почетокот на 2021 година, почнувајќи од 2018 година работела во секретаријатот за европски прашања како државен советник. Во периодот од 2017 до август 2018 година работела во Министерството за правда, исто така како државен советник. Претходно била посебен советник на министерот за образование, работела во нотарска канцеларија во Битола, помошник нотар, како и во НВО Центар за развој на медиуми Скопје…
Идната директорка на Агенцијата има докторирано на Правен факултет „Јустинијан Први“ Скопје, каде ја стекнала титулата доктор на правни науки, а има положно и нотарски иправосуден испит.Претходно исто така студирала и на Колеџ на Европа, Натолин, Полска – каде ја добила титулата Магистер по напредни европски интердисциплинарни студии, Европска правна рамка. Пред тоа го завршила Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Македонија, а средно училиште „Warner Robins” во Џорџија, САД.
– Способна за консултација во врска со македонското право и право на ЕУ и меѓународни прашања, способна за изготвување на правни документи, подготвена за индивидуална како и тимска работа, прилагодлива и одговорна – се меѓу квалификациите на идната директорка.
Што се однесува пак до нејзиниот заменик, Красниќи е професор со повеќе од 17 години искуство во наставата, управување со проекти и академски развој. Согласно податоците за заменик директорот, тој е експерт во областа на правните науки со фокус на казнените науки, вешт во решавање проблеми и организирање комплексни активности.
Тој бил професор по правни предмети од 2007 до 2024 година во средното економско и правно училиште на Град Скопје “Арсени Јовков”, како и помошник директор 2021 – 2023 во среднотоекономско и правно училиште на Град Скопје “Арсени Јовков”. Во период од 2021 до 2025 година бил советник во Општина Чаир, во областа на развој на инфраструктурата и урбанистички проекти, поддршка на иницијативи за развој на образованието и културата…
Директорката и заменик директорот за својата работа и за работата на Агенцијата одговараат пред Собранието. Согласно законите директор и заменик директор на Агенцијата може да биде државјанин на Македонија, активно да го користи македонскиот јазик, да нема забрана за вршење на професија, да не е член на органи на политичка партија, да има високо образование од областа нана правото и меѓународно признат сертификат за познавање странски јазик.
Пред еден месец Владата објави дека бара да се разрешат директорот и заменик директорот на Агенцијата за администрација, Спасе Глигоров и Агрон Сефери, иако имаа уште од своите мандати. Директорот Глигоров беше на оваа позицја назначен во јули 2023 година, додека заменик директорот од јуни 2021 година…