Во утринските израелски напади на југот од Газа загинаа десетици Палестинци

– Десетици лица загинаа и се ранети во израелските воздушни напади ова утро во Хан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа, соопшти палестинското Министерство за внатрешни работи.

На социјалната мрежа Телеграм палестинското МВР објави дека шест станбени објекти се уништени во воздушните напади и притоа „загинати се девет лица, а над 60 се повредени“.

Од друга страна, палестинската новинска агенција ВАФА соопшти дека во израелските напади животот го загубиле најмалку 21 лице, а 79 се ранети, главно, жени и деца.

Газа преживува тешка хуманитарна криза. Овој регион е без струја, а водата, храната, горивото и медицинските материјали се при крај.

Конфликтот во Газа, која е под израелско бомбардирање и опсада од 7 октомври, започна кога Хамас ја почна операцијата „Поплава Ал Акса“, ненадеен напад со низа лансирања на ракети и инфилтрирање во Израел преку копно, море и воздух. Хамас наведе дека операцијата е одмазда за упадите во џамијата „Ал Акса“ и зголеменото насилство од страна на еврејските доселеници врз Палестинците.

Потоа израелската војска ја започна операцијата „Железни мечеви“ кон позициите на Хамас во Појасот Газа.

Најмалку 3.785 Палестинци загинаа во израелските напади на Газа, а во нападите на Хамас животот го загубија 1.400 Израелци.