Машиновозачите и контролорите на Француските национални железници (SNCF) денес штрајкуваа барајќи повисоки плати, што предизвика прекин на сообраќајот, при што две третини или само половина од возовите возат, јавуваат француските медиуми.
Вработените во SNCF штрајкуваат на повик на синдикатот CGT, јавува BFM TV.
Во исто време, синдикатот „Суд-Рејл“ повикува и на мобилизација на работниците во секторот за одржување почнувајќи од утре, како и на штрајкот на машиновозачите во среда и штрајкот на контролорите од 9 до 11 мај.
Сепак, директорот на патничкиот сектор на SNCF, Кристоф Фанише, изјави пред неделата на штрајк дека сообраќајот ќе биде „нормален“ од 5 до 8 мај на брзите железнички линии (TGV) и дека повеќето возови ќе сообраќаат за време на викендот.
Исто така, рече тој, SNCF „им дава слобода и избор“ на корисниците да ги откажат своите патувања доколку сакаат поради најавениот штрајк.
– Сите билети ќе можат да се заменат или вратат, без никакви трошоци – рече тој.