Забранет пестицид е откриен кај пиперки од Македонија кои биле увезени во Хрватска, пренесуваат хрватските медиуми.
-Во пиперките од Македонија откриени се остатоци од пестицидот форметанат. Ризикот е сериозен, се наведува во известувањето од Европскиот систем за брзо предупредување за храна.
Форметанат, како што се посочува, е исклучително ефикасен инсектицид кој се користи во производството на овошје и зеленчук. Многу земји сè уште го користат, но во ЕУ е забранет поради сомневање дека може да влијае на здравјето на луѓето.
Овој инсектицид е високо акутно токсичен доколку влезе во организмот по орален пат, умерено токсичен ако се вдишува, а има ниска акутна токсичност ако се нанесува на кожата.
Клиничките знаци по акутна и хронична изложеност на форметанат кај стаорци се намалена телесна тежина, а кај кучињата прекумерна саливација (зголемување на лачењето на плунковните жлезди), отежнато дишење, тремор, повраќање, кашлање.