,,Во Центар“ интервју со Медат Куртовски – Градоначалник на Општина Маврово и Ростуше: ,,Во политиката нема идоли“ (ФОТО)
Општина Маврово и Ростуше е формирана во 2004 година со спојување на Општините Маврови Анови и Ростуша. Сместена е во западниот дел на Република Северна Македонија, по течението на реката Радика. Ја сочинуваат сите села кои се сместени во регионот од Маврови Анови па сè до дело Скудриње.
На последните локални избори кои се случија во октомври 2021 година, двете најголеми политички партии во државава настапуваа со свои кандидати – СДСМ со (и тогаш актуелниот Градоначалник) г-дин Медат Куртовски и ВМРО ДПМНЕ се д-р Мевмед Џафери. На овие избори Општината не избра Градоначалник затоа што немаше цензус.
Причината за немањето цензус е едноставна – речиси 70% од населението во Река ги има напуштено родните огништа и се на печалба. Поради ова, повеќе од потребно беше распишувањео на следните избори да биде во период кога дијаспората се враќа дома. Тоа и се случи. Следните избори беа закажани за 20 август 2022 година.
И двата кандидати пред грѓаните на Општина Маврово и Ростуше ги претставија своите програми пред граѓаните а народот може да избере чија е подобра.
Сепак, програмата на кандидатот на владејачката СДСМ се чинеше поприфатлива за народот бидејќи нивниот кандидат бараше втор мандат и веќе подобро ги разбираше проблемите и маките со кои се соочува ова население. Тоа и се случи. На овие избори Медат Куртовски, кандидатот од редовите на СДСМ, доби втор мандат нанесувајќи му пораз на својот против-кандидат со над 1200 гласови разлика.
Новоизбраниот Градоначалник, серозно ја сфати довербата која му ја дадоа граѓаните па веднаш поита кон реализирање на своите предизборни ветување.
Сепак, на негова адреса од страна на опозициските партии (најмногу од ВМРО ДПМНЕ и Левица) пристигнуваа сериозни обвинувања како за злоупотреба на својата положба, користење на Општинските ресурси за своја лична корист, недомаќинско работење и слично.
Сите овие обвинувања нè заинтригираа, па екипата на ,,Во Центар“ беше лично во Општина Маврово и Ростуше и имаше интервју со актуелниот Градоначалник, г-дин Медат Куртовски.
Во продолжение може да го прочитате интервјуто:
1. Господине Медат Куртовски, навршија повеќе од седум месеци од Вашиот реизбор за Градоначалник. Што до сега реализиравте од Вашите предизборни ветувања?
- На повторените локални избори ние настапивме со наша програма за работа за која максимално ќе се вложиме да ја реализираме. Во овој период се разлизираа некои ветувања и претходни планирани активности како што е санација на улици во селата Велебрдо и Жировница, нова водоводна линија во Скудриње а потпишан е договор за реконструкција на патот од село Битуше до поранешната караула. Исто така во подготвителна фаза се неколку проекти од патна инфраструктура во неколку населени места како и санација и изградба на неколку водоводни линии кои се надеваме дека ќе се реализираат до крајот на оваа календарска година.
2. Маврово е еден од нашите зимски туристички центри. Дали Општината има стратегија за поинтензивен развој на туризмот и претворање на Мавровскиот регион во регионален скијачки центар?
- Општина Маврово и Ростуше има стратегија за развој на туризмот за период 2019- 2028 година изработена од Факултетот за туризам од Охрид. Заедно со централната власт се обидуваме да ја решиме патната инфраструктура на регионалниот пат кој кружи околу Мавровското езеро. Досега е проширен патот од Маврово до Никифорово. Оваа година се обезбедени средства преку ЈПДП за проширување на патот од Никифорово до Бунец со што ќе се подобри сообраќајната комуникација околу езерото. Нашата општина има услови за туризам преку целата година а секако најмногу во текот на зимата поради скијачкиот центар кој е во приватна соственост. Едно од горливите прашања е уредување на паркинг простор во село Маврово. Во изминатиот период ние го реконструиравме паркингот и три улици кои водат до постоечките хотели но тоа не е доволно бидејќи има многу гости во периодот на зимата кои сакаат да скијаат и да уживаат во мавровската белина.
3. Едно од горчливите прашања во Вашата Општина е миграцијата. Што презема локалната самоуправа за справување со оваа појава?
- Миграцијата е појава која ја зафати не само нашата општина и нашата држава туку и сите балкански држави. Нашиот крај отсекогаш бил печалбарски но во последниот период многу се олеснети условите за заминување во странство и таа прилика ја користат голем број на граѓани и од нашата општина. За жал општината не може многу да влијае на тој процес но ние се трудиме во рамки на нашите можности да го помагаме локалното население преку изградба на капитални проекти но и преку финансиска помош која општината ја дава на секое новороденче, на секое прваче и на секој студент од нашата општина. Ова е појава која треба заеднички да се справуваме на ниво на држава.
4. На кој реализиран проект сте најмногу горди?
- Има многу проекти кои ги реализиравме во изминатиот период и јас подеднакво се радувам на секој од нив затоа што со секој реализиран проект се решава некаква потреба на нашите граѓани. Така ќе продолжиме и понатаму да реализираме проекти во сите населени места за сите жители на нашата општина да се чувствуваат подеднакво важни без разлика на големината на населеното место.
5. Членовите на опозициската ВМРО ДПМНЕ од округот на Општина Маврово и Ростуше Ве обвинуваат дека сте потрошиле 350.000 денари за купување возило кое наводно сте го користеле за лични потреби. Може да ни дадете соодветно објаснување?
- Откако јас сум Градоначалник, Општината нема набавено возило за потребите на Градоначалникот. Јас се возам во возило ,,Фолсфаген Пасат“ купено во 2013 година кое досега има помината над 470.000 километри и често покажува дефекти и потреба од поправка. Во овогодинешниот буџет се предвидени средства за купување на возила за потребите на Општината но не и толкава сума само за возило за Градоначалник туку и за други работи. Опозоцијата исто така обвини дека е зголемен буџетот на Градоначалникот без да видат дека исплатата на рати од кредит земен од општината се става во буџетот во програмата на Градоначалникот. Ние ќе продолжиме и понатаму совесно и чесно да работиме
6. Од политичката партија Левица на чело со лидерот Димитар Апасиев на Ваша адреса пристигнаа сериозни обвинувања дека во Маврово незаконски распродавате имот на ИВЗ. Може ли точно да ни кажете за што точно станува збор?
- Откако јас сум Градоначалник, Општината нема продадено никакви плацеви и имоти. Во споменатиот случај се работи за имот купен во 2012 година од приватно лице кое одлучило имотот да го подари на ИВЗ. За тоа се води постапка во судот во Гостивар преку Државното правобранителство.
7. Претходните локални избори кои се случија минатата година Вие убедливо ја добивте поддршката од граѓаните на Маврово и Ростуше. Може ли да ни кажете на што се должи тоа?
- На локалните избори во август мината година победивме со околу 1.300 гласови разлика. На овие избори нашите сограѓани кои живеат и работат во западно европките земји беа на годишни одмори во своите родни огништа и го искоритија своето право на глас и со тоа се достигна и надмина потребниот цензус. Таа победа се должи на многуте реализирани проекти и на нашата искрена посветеност во работата на Општината. Добивме поддршка и од населението кое живее постојано тука но и од дијаспората која не може никој да ја лаже, да ја уценува или да ја заплашува. Тие едноставно гледаат дали се реализираат проекти или не и по тоа одлучуваат за кого ќе го дадат својот глас.
8. Додека во државата владееше енергетска криза, Општина Маврово и Ростуше беше една од првите Општини кои први се справија и го решија овој проблем. Како го решивте овој проблем?
- Енергетската криза го зафати целиот свет и нас секако. Нашата Општина е во добра финансиска состојба и обезбедивме доволно средства за да ги подмируваме трошоците околу електричната енергија. Во соработка со месните заедници применивме гаснење на одредени улични светлики особено во оние делови каде не живее постојано населението. Имаме наши вработени кои го одржуваат уличното осветлување и се трудиме и покрај старите инсталации и многуте населени места да одговориме на потребите на граѓаните.
9. Кои се проектите кои моментално ги реализира Општина Маврово и Ростуше?
- Во моментов во Општина Маврово и Ростуше се гради нова водоводна линија во село Аџиевци, се реконструираат улици во селата Присојница и Велебрдо, се гради паркинг простор во село Требиште. Потпишан е договор за реконструкција на патот од Битуше до старата караула, потпишан е договор за уредување на суводолица во Скудриње. Во буџетот за оваа година се обезбедени средства за реализација на следните проекти: рехабилитација на локални патишта за селата Јанче, Битуше и Болетен,реконструкција и изградба на водоводни линии во Леуново, Церово и Жировница, реконструкција на резервоари во Маврово и Присојница, реконструкција на улици во Велебрдо, Скудриње, Требиште и Орќуше, доуредување на паркинг простор во Ростуше и Скудриње, изградба на потпорни ѕидови во Видуше и Жировница како и детски забавни паркови во неколку населени места. Се на девам дека ќе успееме во најголем дел да ги реазлизираме овие проекти.
10. Кој е Вашиот политички идол и зошто?
- Нема политички идол.