Во Црвено Море потона бродот „Рубимар“, што беше погоден од Хутите

Во Црвено Море потона бродот „Рубимар“(Rubimar), што пред две недели беше нападнат од јеменските бунтовници Хути и потоа со денови се полнеше со вода, соопштија денеска официјални лица. 

Американските медиуми наведуваат дека „Рубимар“ е првиот брод што е целосно уништен во кампањата на Хутите против израелската војна против Хамас во Појасот Газа.

Бродот се движел кон север, кога на 18 февруари бил нападнат во теснецот Баб ел Мандеб, клучната водена маршрута што ги поврзува Црвеното Море и Аденскиот Залив.

Меѓународно признатата влада на Јемен, како и регионален воен претставник потврдија дека бродот потонал.

Менаџерот на „Рубимар“ во Бејрут не беше веднаш достапен за коментар.

Јеменската влада во егзил, која е поддржана од коалицијата предводена од Саудиска Арабија, соопшти дека „Рубимар“ потонал доцна синоќа во бура што беснеела во Црвено Море. Бродот беше напуштен 12 дена по нападот, иако имаше планови да се обидат да го довлечат до безбедно пристаниште.

Хутите, кои тврдеа дека бродот потонал речиси веднаш по нападот, сега немаа реакција за потонувањето на бродот.