– Долгоочекуваното продолжение на „Џон Вик“ веќе е во кината, а ги воодушеви и обожавателите, и критиката. Но, сега излезе уште еден занимлив податок – глумецот Кијану Ривс, кој ја толкува насловната улога, изговара само 380 зборови во цел филм, објави „Волстрит журнал“ (Wall Street Journal).
Филмот трае два часа и 49 минути. Режисерот Чед Стахелски истакна дека тоа е независна одлука на актерот кој решил да исфрли околу половина од дијалогот за неговиот лик во оригиналното сценарио. Целта е – што помалку непотребни зборови, а повеќе акција и повеќе говор на телото, слично како и во претходните филмови од серијалот.
– Наместо елоквентни монолози, глумецот сакаше да го пренесе значењето на улогата преку телото и малите изрази на лицето. Тој е мистериозен, а мистеријата ѝ овозможува на публиката да ги пополни празнините, изјави режисерот.
Мајкл Финч, еден од сценаристите додаде: – Шокантно е да се види колку (Ривс) е посветен на тишината кога работите со него.
Инаку, најдолгиот непрекинат говор на протагонистот, е: „Јас и ти го оставивме добриот живот одамна зад нас, пријателе“, а само за таа реплика, наводно, добил 552.622 долари. Имено, Ривс, според наводите, заработил вкупно 15 милиони долари за „Џон Вик 4“, па пресметките говорат дека за секој изговорен збор тој добил по 39.473 долари.
Просечната оценка на ИМДБ засега е 8,4 /10, од вкупно 56.000 гледачи кои го оцениле филмот. На „Ротен томатос“, го препорачуваат 94 отсто од оценувачите.