Во 2022 година само една кривична пријава за загадување на животната средина во Македонија

Палењето на трска во Охридското Езеро е единствениот случај кога Државниот инспекторат за животна средина поднел кривична пријава во 2022 година, вели директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Сретен Стојковски, во интервју за Радио Слободна Европа.

„Годинава поднесовме прекршочни пријави во вредност од околу 600.000 евра. Еден дел е доставен на усогласување до комисијата при Министерството за животна средина, а дел е процесуиран во надлежните судови. Имаме само една кривична пријава, онаа за палење трска во Охридското Езеро“, изјави Сретен Стојковски, директор на Инспекторатот за животна средина.

За случајот со опасниот отпад во Ѓорче Петров каде незаконски се извадени 500 тони отпад од стопените акумулатори, како што објави КланМ, Стојковски вели дека се чека одлуката на инспекторите дали ќе има кривична или прекршочна пријава.

„Утврдивме дека отпадот доаѓа од компанијата која топи акумулатори – ТПА – МАК од Пробиштипи. Истото го добила и фирмата Речикл – Еко Старт, која според нив го третирала како таков отпад и еден дел е испратен во село Орман. Инспекторите се независни во постапките, тие ја носат одлуката. Со измената на Кривичниот законик е констатирано кривичното дело „Екоцид“, а инспекторите ќе одлучат дали ќе поднесат кривична пријава“, рече Стојковски.

Директорот на Државниот инспекторат за животна средина, во интервјуто за Радио Слободна Европа, како што пренесува КланМ, вели дека со стартот на грејната сезона ќе се проверат големи инсталации, стотина објекти кои се греат на нафта и мазут и дали констатирани прекршоци при мерењата нема да има исклучоци, ќе има санкции за сите загадувачи.