„Вреди“: Владата е посветена на уставните измени, но без пратениците од ВМРО-ДПМНЕ нема двотретинско мнозинство

Владејачката коалиција „Вреди“ денеска преку писмено соопштение ја изнесе својата позиција во врска со усвојувањето на уставните измени, откако деновиве беше прозвана од опозициската ДУИ оти не го исполнила предизборното ветување за усвојување на измените на Уставот во првите шест месеци од новата Влада.

Во соопштението, од „Вреди“ посочуваат оти Владата има јасен план, стратегија и акциски чекори кои се преземаат секојдневно, оти е цврсто посветена на европската агенда и дека работи на достоинствено исполнување на условите за динамизирање на процесот кон полноправно членство на земјава во Европската Унија.

Од друга страна, пак, велат оти без пратениците од нивниот коалициски партнер ВМРО-ДПМНЕ, невозможно е двотретинско мнозинство во Собранието, колку што е потребно за усвојување на измените во Уставот.

„Мора да постои политичка логика и реалност. Дали има 2/3 мнозинство во Собранието без пратениците на ВМРО-ДПМНЕ? Не, нема. И тука лежи суштината: процесот на интеграција бара соработка, зрелост и одговорност од сите политички субјекти. ‘Вреди’ не ги заборава обврските, но и потсетуваме дека решението не може да биде еднострано. Апелираме до сите општествени чинители, вклучувајќи ги политичките партии, да престанат со ситни политички манипулации на сметка на ЕУ интеграциите, велат од „Вреди“ и додаваат оти европската иднина е над политиката на дневни калкулации.

Од коалицијата посочуваат оти рокот од шест месеци за усвојување на уставните измени не е само временска рамка, туку обврска која ја разбираат и почитуваат.