Времето истекува: Авиокомпанија на работ на опстанок

Ер Белгија повторно е во сериозни финансиски проблеми.

Превозникот од Белгија има само две недели да обезбеди ново финансирање или да се соочи со банкрот.

По една година заштита од доверителите како дел од судската реорганизација, ситуацијата во Ер Белгија се уште е неповолна. Пад на продажбата од 40% по прекинот на редовниот патнички сообраќај и годишна загуба од 22 милиони евра се само дел од факторите кои влијаеле на лошата финансиска состојба на Ер Белгија, пренесува Avio Press.

Судот во градот Нивеле одобри дополнителна заштита од доверителите на две недели откако се појави нов заинтересиран инвеститор кој може да ја промени состојбата на авиокомпанијата. Иако непознатиот инвеститор е подготвен да инвестира во „Ер Белгија“, тој има намера да го стори тоа само доколку валонската влада, еден од косопствениците на компанијата, ја обезбеди својата финансиска поддршка, објави „Л’Ехо“.

Според информативниот сајт Lpost, овој инвеститор би бил подготвен да инвестира шест милиони евра во замена за 75% сопственост во Ер Белгија – под услов владата на Валонија да плати долг од 10 до 12 милиони евра, без да добие акции на компанијата за возврат.

Очигледно овојпат ќе изостане владината поддршка. Доколку Ер Белгија не обезбеди ново финансирање, и се заканува банкрот.