Втор ден на ПФД, учесниците порачаа дека на ЕУ и е потребна јасна визија кон земјите од Западен Балкан

„Мир и демократија наспроти војна и автократија“ , „Вистинската регионална соработка го одржува бродот стабилен“ и „Безбедносните предизвици со (не) интегрираниот Западен Балкан во ЕУ“  се дел од темите на денешните панели на вториот ден од Преспа форумот за дијалог (ПФД) насловен „Проширено европско семејство до 2030: (не)возможна мисија?” што се одржува во Струга во организација на Министерството за надворешни работи, а под покровителство на премиерот Димитар Ковачевски.

На сесијата „Мир и демократија наспроти војна и автократија“ организирана од претседателот Република Северна Македонија Стево Пендаровски, ќе учествуваат претседателите на Хрватска Зоран Милановиќ, на Црна Гора Јаков Милатовиќ и на Албанија Бајрам Бегај, а видео обраќање ќе има и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.  На вториот денешен панел „Вистинската регионална соработка го одржува бродот стабилен“ предводен од премиерот Димитар Ковачевски, видео обраќање ќе има претседателката на Европскиот Парламент Роберта Метсола.  Свои обраќања ќе имаат премиерите на Црна Гора Дритан Абазовиќ, на Косово Албрим Курти и Генералната секретарка на Советот за регионална соработка (РСС) Мајлинда Брегу. „Безбедносните предизвици со (не) интегрираниот Западен Балкан во ЕУ“ е насловен панелот што ќе го преводи министерот за надворешни работи Бујар Османи.

На првиот ден од Преспа форумот за дијалог, вчера беше посочено дека на Европската Унија и е потребна јасна визија кон земјите од Западен Балкан, но и оти денес и Западен Балкан ѝ е потребен на ЕУ, посебно ако се земат предвид новите геополитички и безбедносни случувања. Со зачленувањето во унијата не се губи, туку само се зацврстува идентитетот, што беше потврдено и од специјалниот претставаник на Германија за Западен Балкан Мануел Сарацин. Тој кажа дека Германскиот Бундестаг го признава македонскиот идентитет, јазик и историја.

Премиерот Димитар Ковачевски на официјалното отворање на Преспа форумот за дијалог синоќа од Струга посочи дека договорот од Преспа и сите следни чекори што актуелната власт ги преземала ја обновиле вербата во дипломатијата, промовирајќи го отворениот дијалог како придобивка. На официјалната сесија за отворање „Пет години по Преспанскиот договор: предизвици претворени во можности“ на Преспа форумот за дијалог во Струга тој посочи дека реалистично гледаат на 2030 година, како на достижна цел за полноправно членство на државава во ЕУ.

– Долгогодишниот мраз кој се чинеше нестоплив е скршен – дури напротив, македонско – грчките односи одат во нагорна линија и довербата меѓу државите е најголема досега. Конкретен доказ е нашата соработка во областа на енергетиката. Процедурите се во тек и до крајот на годината започнува изградба на нов гасовод меѓу Северна Македонија и Грција, што ќе биде поврзан со новиот терминал во Алесандруполи, Грција. Овој гасовод и овој терминал нема да бидат само за Грција и Северна Македонија, тие ќе бидат и за Косово, ќе бидат и за Србија, ќе бидат за земјите на север, ќе бидат и за Црна Гора и за Албанија и за сите кои сакаат да се приклучат, рече Ковачевски.

Според него успехот не е во тоа да се стави крај на предизвиците – во регионот, во Европа, во светот и оти е нереално е да се очекува да се стави крај на предизвици, бидејќи предизвици секогаш постоеле, постојат и ќе постојат, затоа што, вели, на нив е поставен развојот.

Подвлече дека Европската Унија отсекогаш му била потребна на Западен Балкан, но оти денес и Западен Балкан ѝ е потребен на ЕУ, посебно ако се земат предвид новите геополитички и безбедносни случувања.

– И ова е момент што нашата држава не смее да го пропушти и секој кој е одговорен не смее да дозволи оваа шанса да се пропушти, порача Ковачевски.

Германскиот Бундестаг синоќа ја усвои резолуцијата за поддршка на Северна Македонија, а Сарацин во обраќањето на официјалната сесија за отворање на третиот Преспа форум за дијалог забележа дека многу граѓани стравуваат дека ќе го изгубат јазикот, идентитетот и историјата. 

– Ние не можеме да кажеме што треба да направат Бугарите, меѓутоа германскот Парламент може да ви вети пријателство и ви ветуваме дека германскиот Парламент го признава македонскиот идентитет, јазик и историја, рече Сарацин.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ порача дека е потребна јасна визија на Европската Унија кон земјите од Западен Балкан. Посочи дека Северна Македонија е најевропски ориентирана, но евроентузијазмот кај граѓаните од 80 проценти паднал на 65, што ги натерало да размислуваат што да променат за да се намали евроскептицизмот.

– Тоа значи дека ние треба да направиме реформирана агенда која ќе ги привлече сите политички партии кон еден дијалог и да се обединат околу ова прашање, затоа што ова е од надпартиски интерес. Затоа работиме и на пронаоѓање структура која ќе функционира и во рамки на Парламентот да го решиме ова прашање и да создадеме структура која ќе го помогне да го направи сето ова и да најдеме група експерти кои ќе ни помогнат како да го разрешиме како ова ќе биде изготвено со крајна одговорност и кредибилитет од сите политички партии, за да ги потпишеме сите патокази, сите акциски планови кон решавање на прашањето а не да се фокусираме на дневно-политички настани што во моментов е случај, рече Маричиќ.

Специјалниот пратеник на Европската унија за дијалогот меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак, го искористи обраќањето пред панелистите да упати повик до политичарите од регионот да го остават минатото на историчарите и да работат на она за што се избрани, а тоа е, како што рече, креирање подобра иднина.

– Културата на компромис е она што ја направи ЕУ најуспешниот интегративен процес во историјата на човештвото, проект заснован врз дијалог…Мојата втора порака за политичарите е да имаат на ум дека сите можат да излезат како победници преку дијалог, кој би станал норма на Балканот, рече Лајчак.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи потсети дека преговарачката рамка е затворена и оти  Бугарија не може да постави нови услови.

– Бугарија не може да постави нови услови, бидејќи преговарачката рамка е затворена. Таа не може да се отвори ниту на барање на нашата опозиција, ниту на барање на бугарската опозиција, рече Османи.

И Евроамбасадорот Дејвид Гир смета дека не треба да се очекуваат нови договори во однос на пристапувањето на Северна Македонија во Европската унија и посочи дека македонскиот јазик е веќе содржан во Преговарачката рамка без никакви квалификации. 

Перспективата за членство во ЕУ, смета дека можеби е најдобрата алатка за спречување на одлив на мозоци од регионот, но оти процесот на проширување на Унијата како трансформација на општествата не ги решава сите проблеми.

Генералната директорка на Меѓународната организација за миграции (ИОМ), Ејми Поуп, пак нагласи дека причина за процентот на популацијата од Балканот што живее во Европа и се сели не се само парите, туку и политиките. 

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети посочи дека успехот на Преспанскиот договор се должи на комуникацијата, соработката и поддршката од меѓународната заедница, односно од Брисел и Вашингтон, како „центри градители на мирот“.

– Ние поставивме цели, а првата наша цел беше мирот, стабилноста и безбедноста за нашата држава. Исто така наша цел беше нула проблеми со соседните држави, а потоа да се приклучиме на државите со напредна демократија, а не на автократските држави, нагласи Ахмети.

Извршната директорка за Европа и Централна Азија на Европска служба за надворешно акција, холандската амбасадорка Анџелина Ајхорст, потсетувајќи на деновите кога беше потпишан Преспанскиот договор рече дека тоа е резултат на политичка волја за која имаше и политичка цена.

На сесијата „Трасирање на патот кон просперитет: економско-финансиски стратегии за раст на Западниот Балкан“, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи порача дека е потребно земјите од регионот да ја интензивираат соработката за да привлечат што повеќе странски инвестиции. Но и да сторат се за да ги „отклучат“ своите потенцијали – да ги зајакнат институциите, тие да бидат транспарентни и доверливи,како и да овозможат законски натпревар меѓу потенцијалните вложувачи.

Насловна тема на годинашниот ПФД е обединета Европа како клучен фактор за долгорочната безбедност и стабилност на континентот, пресликан преку зајакната и забрзана интеграција на останатите земји од континентот во Европската Унија. Оваа година се совпаѓа и со првиот јубилеј од потпишувањето на Преспанскиот договор. 

Во рамки на форумот, беа потпишани Меморандум за разбирање помеѓу Регионалната иницијатива за миграција, азил, бегалци (МАРРИ) и Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ) како и Меморандум за соработка помеѓу Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија и Пријатели на Европа (Friends of Europe).