– Премиерот на Србија Милош Вучевиќ денеска изјави дека премиерот на „привремените институции на на Приштина“, Албин Курти, со упадот на специјалната полиција во филијалите на банката Поштенска штедилница во Лепосавиќ, Звечан и Северна Митровица покажува дека е очаен бидејќи неговите „ктитори“ се уште не му дозволиле влез на Косово во Советот на Европа.
Вучевиќ ја праша меѓународната заедница кому и зошто им пречи Поштенска штедилница.
„Зошто косметските Срби се единствената заедница во Европа што не може нормално да стопанисува? Имаат ли тие право на плати и пензии или против нив се е дозволено, праша Вучевиќ“, се наведува во соопштението од неговиот кабинет.
Вучевиќ додаде дека меѓународната заедница „премногу долго и премногу благо (не) реагира на неактивноста на Курти“, се додава во соопштението.
Припадници на косовската полиција со пушки и панцири денеска упаднаа во подружниците на банката Поштенска штедилница во Северна Митровица, Звечан, Зубин поток и Лепосавиќ, додека граѓаните се обидуваа да ги подигнат пензиите, социјалната помош и други парични средства, соопштија српските медиуми.