Вучиќ го прослави отворањето на автопатската делница со песни: Ги „украси“ трубачите со 2.000 динари (видео)
Српскиот претседател Александар Вучиќ во вторник присуствуваше на прослава во Пожега, по повод отворањето на нова делница од автопатот Паковраќе-Пожега, организирана од провладиниот таблоид „Информер“.
Прославата со трубачи, песни и банкноти предизвика бројни реакции – не само поради сомнителниот квалитет на автопатот, туку и поради содржината на песните што беа изведени по тој повод.
Делницата од автопатот е отворена, иако, според информации од експертски кругови, инженерите и надлежните служби одбиле да ја потпишат дозволата за употреба поради сериозни безбедносни недостатоци, особено во тунелите.
За време на церемонијата, во близина беа дежурни екипи на полиција, пожарникари и служби за итни случаи, што дополнително укажува на ризичноста на новоотворениот дел од патот. Во исто време, граѓаните на Чачак останаа без еден лекар во локалната болница – токму поради вклученоста на медицинските служби во овој настан.
Меѓу присутните на прославата беа Милош Вучевиќ, лидер на Српската напредна партија и советник на Вучиќ, и директорот на полицијата Драган Васиљевиќ. Централен момент на прославата беше обидот на Вучиќ да ги почести трубачите – со банкнота од 2.000 динари, која несмасно им ја подаваше долго време. Целата сцена предизвика непријатност дури и кај самиот Вучиќ, што беше јасно видливо во неговиот израз на лицето, а беше снимена и на видео што кружеше на социјалните мрежи.
Посебно внимание привлече и песната што можеше да се слушне во таа пригода – „Мал брод плови по море“, изведена со поддршка на публиката. Станува збор за песна изведена од Баја Мали Книнџа, познат по своите националистички песни.