Се работи на деградирање на положбата на Република Српска одредена со Дејтонскиот договор и се размислува за самостојност или отцепување на овој ентитет, изјави претседателот на ентитетот Република Српска во Босна и Херцеговина Милорад Додик. Ова Додик го изјави на прес – конференцијата со српскиот претседател Александар Вучиќ по нивната средба во Белград.
Додик рече дека Вучиќ го запознал со внатрешните проблеми во БиХ и постојаните барања за укинување на уставната дејтонска позиција на РС и дека сега се поставува прашањето за имотот.
„Ситуацијата е целосно оптоварена со постојани барања за укинување на уставниот Дејтонски договор на Република Српска и тоа кулминира во едно игнорантно, цинично и безобразно барање имотот да се постави како проблем на ниво на Босна и Херцеговина“, рече Додик, пренесе ТРТ Балкан.
Според Додик со блокадата во врска со имотот, доведени се во прашање концесиите и носењето нови инвеститори.
„Ние во Република Српска сметаме дека ангажманот на еден дел од Западот и политичко Сараево води кон тоа да се деградира уште повеќе поредокот на Република Српска и дека сме дојдени до моментот во кој не можеме тоа прашање повеќе да го одлагаме и нашата одбрана е да донесеме одлука за самостојност, за отцепување на Република Српска“, истакна Додик.
Вучиќ истакна дека Србија го смета Дејтонскиот мировен договор како суштински за функционирањето на Босна и Херцеговина.
„Секогаш ќе го поддржуваме она што е договор на сите три конструктивни народи, почитувајќи го Дејтонскиот договор“, рече Вучиќ.
Вучиќ и Додик информираа дека во следните две недели ќе се одржи заедничка седница на Владата на Србија и Владата на Републиак Српска на чиј дневен ред ќе биде изградбата на два меморијални центри посветени на жртвите на логорот Јасеновац од Втората светска војна, еден во Долна Градина и еден во Белград.
Вучиќ најави дека Србија ќе ја продолжи помошта за Гламоч, Дрвар, Петровац и Грахово, но и дека помошта ќе биде овозможена и за Соколац, Рудо, Вишеград, Невесиње и Билеќе.
Додик изјави дека денес разговарале и за проектите за изградба на аеродром во Требиње, хидроелектраната Бук – Бијела и патот Рача – Бијелина.