Вучиќ за програмата „Скок во иднината – Србија ЕКСПО 2027“: Ова е голем ден за Србија

– Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа ја претстави програмата „Скок во иднината – Србија ЕКСПО 2027“, за периодот од 2024 до 2027 година, порачувајќи дека тоа е голем ден за Србија.

Во рамки на програмата, која свечено беше претставена во Палатата Србија во Белград, прикажани се клучните сегменти од сеопфатниот развој на Република Србија, меѓу кои и програмите за подигање на животниот стандард на граѓаните, проекти од областа на науката и технологија, образованието, развој на инфраструктурата, индустријализацијата, енергетиката, екологијата, земјоделството, здравството, туризмот, како и во други области од национално значење.

Посебен фокус е ставен на концептот на планирање и изградба на сложена инфраструктура во рамките на реализацијата на Меѓународната специјализирана изложба EXPO 2027.

„Ова е голем ден за Србија. На овој план работевме со месеци. Се обидовме да и претставиме на нашата Србија се што ќе правиме во следните четири години. Планот со кој излегуваме пред граѓаните на Србија е сеопфатен, амбициозен и е направен со голем ентузијазам“, рече Вучиќ.

Говорејќи за подигнувањето на животниот стандард на српските граѓани, Вучиќ најави дека „просечната плата во Србија годинава ќе биде 958 евра, следната година ќе надмине илјада евра (1.056), а целта е во декември 2027 година просечната плата во Србија да биде 1.400 евра“.

Тој додаде дека во следните четири години се планира вложување на вкупно 17,8 милијарди евра на ниво на едногодишниот вкупен буџет. Потсети дека во 2012 година БДП на Србија изнесувал 33 милијарди евра, а на крајот на 2027 година целта е БДП да биде најмалку 92,7 милијарди евра.

Вучиќ најави и дека од април или мај годинава државата за семејствата за раѓање на прво дете ќе издвојува 500.000 динари, 600.000 динари за второ дете, додека уште поголема помош ќе има за трето и четврто дете. Тој најави и обнова на породилишта низ Србија.

Зборувајќи за развојот на инфраструктурата, Вучиќ најави дека во претстојниот период од четири години ќе бидат реконструирани вкупно 6.000 километри патишта.

Најави и значајни зафати потфати во контекст на зајакнување на железничкиот, како и авио сообраќајот, развојот на аеродромите во повеќе српски градови.

Тој рече дека се планира до крајот на годината да се изградат уште 487 километри автопати и брзи сообраќајници, со кој во период од 15 години ќе се изградат вкупно 955 километри.

Најави дека во текот на 2024 година ќе се инвестира во реновирање и изградба на училишта и градинки.

Србија ќе продолжи да инвестира во спортот многу повеќе од досега, додаде Вучиќ.

Тој изјави дека ќе се гради нов музеј „Никола Тесла“, кој ќе биде, како што рече, едно од најдобрите места за посета и објект што нема да го има ниту една друга земја во светот.