Вучиќ за противењето на усвојување резолуција за Сребреница во ОН: Мали ни се шансите, но ќе се бориме до последен миг

– Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, по средбата со претставниците на Република Српска во Белград, говореше за актуелната резолуција за Сребреница, порачувајќи дека знаат дека шансите им се мали, но дека ќе се борат до последен момент да не дојде до нејзино усвојување.

Во Белград синоќа се одржа состанок на раководството на босанскохерцеговскиот ентитет РС и Србија предводено од Милорад Додик и Александар Вучиќ. На средбата присуствуваа и претседателката на Народното собрание Ана Брнабиќ, министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ, членката на Претседателството на Босна и Херцеговина Жељка Цвијановиќ и претседателот на Народното собрание на РС, Ненад Стевандиќ.

Вучиќ на прес-конференцијата најави дека во понеделник ќе прати специјален пратеник кај претседателот на Генералното собрание на Обединетите нации и ќе побара „внимателно да ги разгледаат прекршувањата на сите процедури“, во контекст на резолуцијата за Сребреница.

„Република Српска не е дел од Обединетите нации. Република Српска не ја слушаат ниту во Босна и Херцеговина кога има поинаков став и не го почитуваат. И Србија сама ќе користи политички, а не воени, политички средства за да им се спротивстави на сите земји од НАТО, од Туркије до Германија, со тоа што знаеме дека шансите ни се минимални, но ќе се бориме до последен момент“, рече Вучиќ, додавајќи:

„И на тој ден кога ќе ја усвојувате таа резолуција ако ја усвојувате. И на тој ден ќе ви покажеме колку сме горди. И дека никогаш нема да нѐ потчините. И дека никогаш нема да нѐ потчините. И српскиот народ никогаш нема да се согласи на сите ваши притисоци, уцени и бесмислени обвинувања.“

Тој најави дека во тие денови ќе ги повика сите граѓани на Србија и Република Српска да ги истакнат своите национални обележја.

„На секое место ќе ги истакнуваме нашите знамиња, нашето национално обележје. Еден ден подоцна. Ден откако ќе нѐ прогласат, затоа што се прават наивни и глупави, многу добро знаат што прават. Откако ќе нѐ прогласат за геноциден народ. А еден ден подоцна ќе ги истакнеме нашите национални симболи. Нашата најубава тробојка. И да им покажеме дека никогаш нема да можат да ги срушат Србија и српскиот народ. Колку и да се трудат. И не правете се наивни“, порача Вучиќ.

Тој рече дека „имаат работа со лажговци“, алудирајќи на оние што се вклучени во работата на резолуцијата за Сребреница. Рече дека „се објавени 9.200 текста за тоа како со снајпер сум убивал околу Сараево. Сето тоа“, рече Вучиќ, „послужи да се дојде до ова, да направат атмосфера на жигосување на Србите.“

Вучиќ се осврна на изјавите на претседавачот со Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ, против кого упати низа навреди, нарекувајќи го „лажго и фалсификатор“.

„Ти не го правиш ова, ова го прават Германците, Англичаните и некои други. А ти си никој и ништо. Како што секогаш си бил, освен ситен лажго и фалсификатор. И тоа не си ти тој што победил и вие. Туку Германците, Англичаните, Американците и останатите се нешто посилни од Србија. А тоа колку, ќе се бориме. Ќе се бориме до последен момент, до последна капка пот“, рече Вучиќ.