Вучиќ: Нема гаранција дека масовните убиства нема да ни се повторат

Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа по двете масовни убиства извршени во Србија рече дека земјата мора да продолжи понатаму за тие работи да не се повторат во иднина и додаде дека за тоа никогаш нема да има доволно гаранции.

Тој во централната информативна емисија „Дневник 2“ на Радио-телевизија Србија рече дека на српското општество му останува од трагедијата да излезе обединето.

„Имам такви трауми што секој ден се плашам“, рече Вучиќ, пренесе ТРТ Балкан.

Тој оцени дека Србија како држава отишла чекор подалеку во однос на другите земји кога станува збор за борбата против поседувањето нелегално оружје и додаде дека Владата усвоила „остри мерки кои суштински го менуваат српското општество“.

Побара од луѓето да отидат во најблиската полициска станица и да го однесат нелегалното оружје и муниција и наведе дека очекува „милиони куршуми“ во таа акција.

Вучиќ нагласи дека благодарение на акцијата за доброволно предавање на нелегалното оружје и муниција, која во Србија ќе трае еден месец, „ќе се спасат нечии животи“.

Истакна дека ќе се зголемат казните за нелегално поседување оружје и дека по истекот на рокот од еден месец за предавање на оружјето „полицијата ќе упаѓа по куќи“, оценувајќи дека би било глупаво некој „за три куршуми да добие 5, 10 или 15 години затвор“.

Додаде дека Србија „драстично, на 90 отсто, ќе го намали бројот на оружје“, велејќи дека тоа главно се однесува на „краткоцевното што најчесто се користи при ликвидации“.

Вучиќ рече дека ќе биде воведена обврска и за 50.000 лица, на кои ќе им остане оружјето, во рок од 48 часа да одговорат на поканата да се тестираат за наркотици, истакнувајќи дека тоа се „тешки и многу храбри одлуки за општеството“.

Наведе дека клучната мерка, за која верува дека секој родител се радува, е тоа што во секое училиште во Србија ќе има училиштен полицаец и истакна дека тие полицајци ќе бидат „добро вооружени и подготвени да употребат сила“.

Вучиќ рече дека Србија ќе го зголеми бројот на полицајци за 2.500 за да го покрие секое училиште и за секој родител да почувствува поголема сигурност, „за да се заштитиме од монструми и психопати“.

Тој додаде дека во Србија ќе се зголеми бројот на педагози и психолози, и дека ќе бидат прифатени сите мерки препорачани од нив, оценувајќи дека тоа ќе го „намали насилството меѓу врсниците за 70 отсто“.

Вучиќ, говорејќи за протестите на опозицијата поради масовните убиства закажани за денес, 8 мај, рече дека „е погрешно да се повикува на протести“ во моментов и дека тоа се работи што не се прават „никаде во светот“, оценувајќи дека „внесува целосен хаос“ во Србија.

Додаде дека тоа е „многу лошо и штетно за земјата“ и оцени дека тоа е „навреда за жртвите и за сите оние кои сè уште не ги погребале своите деца“.

Српскиот претседател наведе дека протестите на опозицијата ги бараат „оние луѓе кои сакаат да го пуштиме детето монструм [кое изврши злосторство, заб. ав.] за следниот пат бројот на жртвите да биде 100“.