Српскиот претседател Александар Вучиќ денес во Белград изјави дека Србија нема да војува со Бошњаците, ниту со никого, и дека нема да „наседнува на провокации“.
Вучиќ на прес-конференција се осврна на обраќањето на претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, кој вчера во Поточари ја изрази својата почит кон жртвите и укажа на опасностите што ѝ се закануваат на Босна и Херцеговина. Беќировиќ рече дека „односот на силите, историскиот контекст од деведесеттите и денес не се исти, но постојат бројни сличности“.
„Наше е да одговориме на прашањето дали има сличности меѓу ситуацијата на почетокот на 1990-тите и денес. Осудениот воен злосторник Радован Караџиќ и неговите соработници во 1992 година говореа дека Босна и Херцеговина е невозможна држава. Денес тоа повторно го говорат челниците на босанскохерцеговскиот ентитет РС. Големосрпските протагонисти во 1992 година јавно говореа дека целта им е голема Србија. Највисоките претставници на босанскохерцеговскиот ентитет РС повторно јавно говорат дека целта им е голема Србија, и покрај фактот што поради тој опасен проект е извршена агресија, геноцид, злосторства против човештвото и други злосторства“, рече Беќировиќ.
Вучиќ по тој повод рече дека во изминатите 12 години на чело на Србија континуирано повикувал на почитување на територијалниот интегритет на БиХ и Дејтонскиот мировен договор.
„Таа ‘големодржавна политика’ во Белград се заснова на тоа што секој пат во претходните 12 години сме го признале и го признававме територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина, но се разбира и Дејтонскиот мировен договор и интегритетот на Република Српска во рамките на Босна и Херцеговина. Што ви пречеше тука? Никогаш не сте слушнале друга изјава од мене“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека 12 години „слушам дека сум убил некого со снајпер околу Сараево“ и тврди дека „никогаш не сум држел снајпер во рака“.
„Ниту со снајпер, ниту со пушка, ниту некого, нешто, каде било сум убил, ниту пак, сум пукал на овој или оној начин“, рече Вучиќ.
Тој истакна дека Србија нема да војува со никого и ќе направи сѐ да го избегне тоа.
„Отворено ви велам, ние нема да војуваме против вас. Можете да правите што сакате, можете да измислувате, можете да провоцирате колку сакате, ние не сакаме да војуваме против вас. Ние нема да војуваме против Бошњаците. И тоа е мојата порака и до Бошњаците во Србија и до Бошњаците во Босна и Херцеговина. Ќе дадеме сѐ од себе да го избегнеме тоа, се надевам дека нема да им падне на памет да ја укинат Република Српска и да го убиваат српскиот народ, нема да наседнуваме на нивните провокации“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија ќе го чува мирот бидејќи „се случуваа премногу страшни работи“ и дека жртви имало од сите страни.
„Ние ќе го чуваме мирот, бидејќи ова се премногу страшни работи и ова, и сето она низ кое поминаа мајките на Сребреница и сите други. Работите се премногу страшни за да си дозволиме да се повторат. И затоа по секоја цена ќе го чуваме мирот“, рече Вучиќ.
Тој истакна и дека нема да попушти под притисоците поради усвојувањето на резолуцијата за геноцидот во Сребреница и дека е горд што се спротивставил и покажал дека „големите сили не можат да ја променат вистината“.
Порача дека со Бошњаците во Србија имаат најблиски односи и дека неговата влада посветува внимание на економијата во тој дел на Србија.
„Ќе продолжиме да ја работиме нашата работа, да го чуваме мирот, нема да учествуваме во провокациите од каков било вид, нема да војуваме со никого“, рече Вучиќ.