Вучиќ разговараше со Ердоган: Турција е исклучително важен партнер за Србија

– Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, денес телефонски разговараше со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, и му ја честита изборната победа, посакувајќи му и во овој мандат успешно да ја води земјата по патот на развојот.

Од Кабинетот на српскиот претседател соопштија дека Вучиќ во оваа пригода нагласил дека Турција е исклучително важен партнер за Србија, не само на билатерална основа туку и на меѓународната политичка сцена.

Ердоган се интересирал за актуелната ситуација на Косово, а Вучиќ го запознал со хронологијата на настаните што довеле до ескалација на насилството врз српската заедница таму. Тој, исто така, побара од шефот на турската држава да ги искористи угледот и влијанието на неговата земја со цел да се одржат мирот и стабилноста во регионот, се наведува во соопштението.

„Се надевам дека, покрај постојните проекти, заедно ќе работиме и на нови потфати што ќе го забрзаат силниот развој на целиот регион, ќе ги зближат луѓето и ќе ги поврзат економиите“, рече Вучиќ.

Вучиќ го покани Ердоган да ја посети Србија.