Српскиот претседател, Александар Вучиќ, денес ја прими специјалната претставничка на генералниот секретар на Обединетите нации и шефица на УНМИК, Каролин Зијаде, со која разговараше за претстојната седница на Советот за безбедност на ОН, на која ќе биде објавен извештајот за работата на УНМИК, како и за позицијата на Србите во Косово и дијалогот меѓу Белград и Приштина..
Како што е соопштено од Кабинетот на српскиот претседател, Вучиќ изјавил дека безбедносната ситуација на Косово е сложена и во тој контекст нагласи дека ги разгледуваат навремените и соодветни реакции на ОН на голем број инциденти, провокации и еднострани акти на Приштина со кои се крши Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН 1244 и се загрозуваат правата и безбедноста на Србите и другото неалбанско население“.
Вучиќ повтори дека Србија инсистира на зачувување на мирот и стабилноста во регионот, почитување на меѓународното право и спроведување на Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН 1244.
Шефицата на УНМИК, Зијаде, ја изрази својата поддршка за дијалогот меѓу Белград и Приштина и ја нагласи потребата политичките заложби да се преточат во конкретни акции за доброто на Србите и Албанците во Косово.
Соговорниците се согласија дека континуираното разгледување на косовското прашање во Советот за безбедност на ОН е од суштинско значење за меѓународната заедница редовно да биде информирана за состојбите на терен.
Извор: ТРТ Балкан