Макрон во посета на Холандија, неговиот говор во Хаг прекинат од демонстранти

 – Претседателот на Франција, Емануел Макрон денеска во Хаг одржа говор „За иднината на Европа“, но на почетокот тој беше прекинат од демонстранти во салата.

Во институтот Нексус каде што зборуваше Макрон, демонстрантите истакнаа транспаренти со натписи на англиски: „Каде е француската демократија?“, „Климатската конвенција не се почитува“ и „Претседател на насилството и лицемерието“.

„Имате милиони демонстранти на улиците“, рече демонстрант по повод протестот во Франција поради реформата на пензискиот систем што предвидува пензионирање на 64 наместо на 62 години.

Кога тензијата во салата се смири, Макрон рече дека Французите треба да бидат помалку лути на него бидејќи во многу други земји пензионирањето е подоцна од предложената француска реформа.

Пред да го прочита говорот на англиски, Макрон исто така рече дека „многу важно е да се има социјална дебата“.

„Можам да одговорам на сите прашања за кои разговараме во Франција. Тоа е демократија, каде што можете да демонстрирате и да видите ваков вид на дејствување“. рече Макрон и додаде дека демократијата е доведена во опасност кога некој ќе си каже дека не се согласува со законот или со избраните функционери и ќе одлучи да прави што сака.

Во говорот „За иднината на Европа“, Макрон ја претстави својата визија за „иднината на европскиот суверенитет“, велејќи дека „таа треба да се заснова на пет столбови: конкурентност, индустриска политика, протекционизам, реципроцитет и соработка“.

„Војната на Русија во Украина го отвори веројатно едно од најопасните времиња за Европската унија. Беше кажано дека нашата унија ќе стане посилна низ кризата, но никогаш не сме се соочиле со таква закана“, рече Макрон.Тој притоа оцени дека „и пандемијата на Ковид-19 и војната се големи акцелератори на европскиот суверенитет“.

Дводневната посета на Макрон на Амстердам и Хаг е прва официјална посета на француски лидер по Жак Ширак пред 23 години и ги истакнува блиските врски меѓу Холандија и Франција и двајцата лидери.

По неговото пристигнување во Амстердам, холандскиот крал Вилем-Александар пред неговата палата му приреди церемонијален пречек на Макрон.

За утре е предвидена средба со холандскиот премиер Марк Руте.