Ескобар пристигна во дводневна посета на Албанија

– Помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Габриел Ескобар денеска ја започна посетата на Албанија каде веќе се сретна со највисоките лидери на земјата, а утре ќе има средба со претставниците на опозицијата.

Придружуван од амбасадорката Јури Ким, првата средба ја оствари со премиерот Еди Рама, а потоа и со шефот на државата Бајрам Бегај.

Во отсуство на официјално соопштение, медиумите јавија дека на средбите тема број еден биле локалните избори што ќе се одржат на 14 мај, за кои кампањата почнува за два дена. 

Американската политика претходно преку својата амбасадорка Ким јасно стави до знаење дека албанската политика мора да има чисти кандидати без криминално досие. Исто така, беше посочено дека треба да се внимава и на финансирањето на оваа изборна кампања.

– Второ прашање за кое се разговара е Охридскиот договор меѓу Косово и Србија. Ескобар во изминатите недели беше поттик за што поскоро спроведување на овој договор. Има информации дека барал од албанските власти и од самиот премиер Еди Рама да ја продолжат поддршката за овој договор и охрабрувањето на косовските власти за негово спроведување, наведуваат албанските медиуми.

Третото прашање е поврзано со „внатрешното и многу загрижувачко прашање за Албанија, како што се кибер-нападите од Иран”.

– Потсетуваме, Соединетите Американски Држави, покрај помошта во кибер-нападот преку ФБИ, обезбедија и финансиска и техничка поддршка за зголемување на одбранбените капацитети на Албанија од идни напади.  Ескобар ја потврдил  поддршката на САД во иднина за соочување со овие напади и природно да се зголемат одбранбените капацитети, додаваат медиумите.

Инаку, утре планирани се средби со Енкелејд Алибеај и група претставници на Демократската партија, како и со поранешниот албански претседател Илир Мета, сега лидер на Партијата на слободата.