Вучиќ се скара со новинар поради непријатно прашање – се закани дека ќе ја напушти емисијата (видео)
Српскиот претседател Александар Вучиќ, за време на интервју за Радио телевизија Србија, имаше судир со водителот околу посетата на австрискиот канцелар Кристијан Штокер.
Според медиумите во Србија, Штокер дошол во Белград за да му ја пренесе пораката на Вучиќ дека Европската Унија не е задоволна од неговиот став за протестите.
Кога водителот на РТС се осврна на ова, Вучиќ ги нарече овие медиуми „окупатори“.
Водотелот накратко коментираше дека „тој го кажува тоа, а не таа“, што стана причина српскиот претседател да ја критикува самата РТС, јавниот сервис во Србија.
„Го кажувам тоа, секако, исто како што велам дека вие сте тие што ја следите таквата политика, само малку поисполирана, малку поодвратна“, рече тој.
Како одговор на водителот, кој му рече дека неговиот коментар „не е во ред“, Вучиќ се заканил дека ќе ја напушти емисијата.
„Дали сакате да престанам да размислувам? Дали треба сега да станам и да си одам?“, праша Вучиќ, додавајќи дека средбата со Штокер била „вонредна“ и дека медиумските извештаи во Србија се „лаги“.
Во остатокот од интервјуто, Вучиќ го повтори сега веќе познатиот наратив дека протестите „ги организира Западот“ и дека полицијата во Србија е „исклучително трпелива“, и покрај снимките што прикажуваат брутални тепања на демонстранти низ целата земја во последните денови.
Инаку, протестите во српската држава траат веќе неколку месеци по трагедијата во Нови Сад, каде што 14 лица загинаа откако се урна дел од покривот на железничката станица.