Вучиќ со критики до ЕУЛЕКС и меѓународната заедница во Косово

 – Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес ѝ порача на мисијата на Европската Унија за владеење на правото ЕУЛЕКС и на меѓународната заедница, мислејќи на Косово, да го решат проблемот „со своето чедо, да го помилуваат малку по главата, или да го удрат по задникот“.

Вучиќ за време на своето обраќање на нацијата оцени дека, според извештајот на ЕУЛЕКС во кој имал увид, ЕУЛЕКС „не знае каде е лево“ и дека негова единствена задача е да ја заштити косовската државност и дека воопшто не се грижи за претепаните и измачени Срби.

Претседателот на Србија рече дека е „бесмислен“ кризниот дијалог во Брисел на кој високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел ги повика него и премиерот на Косово, Албин Курти, следната недела.


Вучиќ рече дека „нема понатаму каде и што повеќе да попушта“, додавајќи дека одлуката за тоа дали „технички“ ќе се појави на дијалогот во Брисел дополнително треба да ја донесе и дека тоа ќе биде „тактичка одлука“ на Србија.

„Дијалогот со Курти е непостоечки дијалог. Човекот сака војна, тој човек сака војна, тој сака војна по секоја цена. Тој само размислува на кој начин да се предизвика нова провокација. Секој ден го прави тоа и има заштита. Лажат кога велат дека нема заштита“, рече Вучиќ.

Зборувајќи за Курти, Вучиќ рече дека е „потполно бесмислен разговорот со човек кој никогаш не сакал да разговара“ и истакна дека „не му паѓа на ум“ да разговара сѐ додека приведените Срби не бидат пуштени од притвор и сѐ додека Косово не ги повлече „бесмислените одредби“ за забрана за влез на српски камиони со стока на територијата на Косово.

Тој додаде дека Курти „со поддршка на одделни земји на Западот, креира криминална ситуација во која ги малтретира сите граѓани од српска националност“.

Мислејќи на новоизбраните градоначалници на општините во северниот дел на Косово, Вучиќ рече дека Курти „доведува некакви несоодветни лица кои немаат никаков легитимитет и булумента од своите новинари за дополнително да ги испровоцира луѓето“.

Вучиќ рече дека „изгладнувањето на луѓето во северниот дел на Косово нема да помине“, бидејќи тие камиони ќе поминат, „некој момент, сега, за месец или два“.

Тој истакна дека разговорот е бесмислен сѐ додека „лажните градоначалници“ не се повлечат од северот на Косово и сѐ додека од општините со српско мнозинство во северно Косово не се повлечат специјалните косовски полициски сили.

Претседателот на Србија рече дека во врска со косовскиот проблем не постојат „две страни“, запрашувајќи „кој Албанец е повреден, ранет, застрелан или малтретиран“.

Вучиќ рече дека тројцата припадници на полицијата на Косово кои во средата беа уапсени од српската полиција „никој не ги пипнал“ и нагласи дека „тие јадат и пијат како во ресторан, а нашите се претепани, бидејќи им се може“.

Тој рече дека Србите од Косово на празникот Видовден што се одбележува на 28 јуни „на мирен начин ќе преземат свои чекори на патот за својата слобода во согласност со меѓународните правни норми“.

Вучиќ рече дека Србија повеќе никогаш нема да известува за своите чекори, освен во случај на подигнување и спуштање на борбената готовност на Војската на Србија, и за „своите обврски кон НАТО кои Србија секогаш ги исполнува во потполност.“

Претседателот Вучиќ нагласи дека Србија се труди да го зачува мирот.

„Ги предупредуваме сите оние на кои очигледно не им е грижа за мирот и кои сакаат Србите да бидат малку потивки, а не вака гласно иселени од северниот дел на Косово, дека тоа нема да се случи“, порача Вучиќ.