Вучиќ со првиот човек на Росатом- нуклеарни централи во Србија?

Росатом е заинтересиран за учество во високотехнолошки потфати во Србија и го поздравува учеството на српските компании во проектите на државната корпорација во трети земји, објави прес-службата на Росатом, а јави руската државна агенција ТАСС.

Извршниот директор на корпорацијата, Алексеј Лихачев, ја пренел оваа информација на српската влада на неодамнешниот состанок, на кој бил и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

„За време на средбата, страните разговараа за зајакнување на соработката во областа на енергетското користење на нуклеарните технологии, вклучувањето на српски компании во проектите на Росатом во трети земји, образованието на српските граѓани на руските универзитети за професии поврзани со нуклеарната енергија, како и за потенцијалното учество на компаниите од Росатом во високотехнолошки потфати во Србија“, соопшти Росатом.

Министерот задолжен за меѓународна економска соработка во Владата на Србија, Ненад Поповиќ, претходно во интервју за ТАСС изјави дека Белград размислува за укинување на мораториумот за нуклеарните истражувања.

Ако го сторат тоа, Росатом сигнализирал дека е подготвена да ги размени најдобрите практики во изградбата на големи и мали нуклеарни централи.

„Покрај тоа, Србија гледа вредност во соработката со Росатом во областа на лекувањето на ракот со оглед на високата стапка на инциденца во републиката во врска со нападите на НАТО со гранати со осиромашен ураниум во 1999 година“, додаде министерот.

Србија има закон од 1989 година кој им забранува на функционерите дури и да зборуваат за изградба на нуклеарни централи и постројки за циклус на нуклеарно гориво во земјата.

Во овој момент раководството на Република Србија ја разгледува можноста за укинување на забраната.