Претседателот на Србија Александар Вучиќ ги коментираше резултатите од претседателските избори во Црна Гора на презентацијата на агендата Отворен Балкан на саемот за вино во Верона, Италија.
Тој особено се осврна на поразот на актуелниот претседател Мила Ѓукановиќ во вториот круг од изборите.
– Изборите во Црна Гора ги премолчев на одговорен начин, бидејќи не сакам да кажувам грди работи кога некој изгубил на изборите. Мислам дека тоа е џентлменски. Политиката на Ѓукановиќ и нашата политика беа дијаметрално спротивни. Се надевам дека односите ќе бидат подобри, не паѓам во еуфорија, ќе видиме како ќе изгледа… Видовме како изгледаше со Кривокапиќ, ќе видиме како ќе биде со Милатовиќ. Се надевам дека е можно да се создадат подобри односи меѓу Србија и Црна Гора. Тоа би било добро за сите нас. Тоа е она што е важно за луѓето – рече Вучиќ.
Тој го коментираше јавното мислење, како во регионот, така и на целиот континент, дека Србија грубо се меша во изборниот процес во Црна Гора.
– Погледнете го бруталното мешање на Босна и Херцеговина во внатрешните работи на Црна Гора, но никој не го кажа тоа, никој не рече дека тоа го направила Приштина и речиси сите земји од Западен Балкан. Ова е приказната дека Србија секогаш треба да се обвинува за да се направи рамнотежа, а всушност се создава дисбалнас, затоа што секогаш за се е виновна Србија иако нема врска со тоа. Србија е виновна и кога молчи – рече Вучиќ.