Габер-Дамјановска за кандидатите за судии и обвинители: Најважно е како ќе ја вршат својата професија и дали ќе покажат резултати, без разлика на нивното презиме
Според Уставот секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции, меѓу кои и судија, обвинител… и секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. И со оглед на тоа дека на јавен конкурс отворен за тестирање на кандидати за слушатели во Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО), не смее да се дискриминира, зачудува логиката на жигосување на некои лица само заради нивното звучно име и семејна припадност бидејќи се пријавиле, поминале низ процесот на тестирање, се запишале и потоа ја завршиле почетната обука.
Ова за МИА го истакна директорката на Академијата Наташа Габер Дамјановска по реакциите во медиумите откако беа објавени имињата со конечните резултати од завршниот испит на седмата генерација во која има презимиња кои се исти со личности носители на јавни функции. Според неа, не треба да се критикува семејната традиција по однос на некои професии, бидејќи, како што вели, тоа не е случај само со правната професија, туку и со други како што се медицина, инженерство, па и новинарството.
-За мене е тоа нормално, бидејќи потомството расте во средина во која нивните родители зборуваат за својата работа, поседуваат соодветна литература и информации, негуваат одреден афинитет кој влијае врз нив. Погледнато подлабоко, мислам дека најголемиот број на академци од оваа генерација имаат такви допирни точки со правната професија, смета Габер Дамјановска.
Директорката на АСЈО во интервјуто за МИА вели дека најважно е како овие млади луѓе ќе ја вршат својата професија во иднина, дали ќе покажат ефикасност, резултати и интегритет во нивното работење, без разлика на нивното презиме, бидејќи истиот тест ги чека сите завршени слушатели.
Габер Дамјановска апелира да им се даде шанса на сите да се докажат и нагласува дека и успехот и одговорноста во оваа професија се неизбежно лични. Таа на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители им порача да внимаваат на работните позиции на кои овие идни судии и обвинители ќе се постават да не бидат во спротивност со Законот за судир на интереси.
-По стапувањето на должност, бездруго нивното работење еднакво како и на другите колеги, ќе се прилагоди на стандардните правила за изземање од определени случаи кога постои судир на интереси. Впрочем, двата совета на годишно ниво ја следат и оценуваат работата на сите судии и обвинители, а тоа е битен чинител при унапредувањето, нагласува Габер Дамјановска.
Директорката на АСЈО во интервјуто појаснува и за нејзиниот реизбор на раководната функција во Академијата по вториот оглас, бидејќи првиот беше неуспешен поради, како што вели, определени експлицитни нелогичности од правно-процедурален карактер.
-Јас верувам дека работев совесно и одговорно во текот на изминатиот мандат, сметам дека мојата досегашна четиригодишна работа покажа резултати и дека треба определени важни процеси во Академијата кои се започнати, а се во склад со крупните реформски процеси на правосудниот сектор во државата, да добијат свое заокружување во наредните неколку години, истакна Габер Дамјановска.
На конкурсот за 130 слушатели за деветтата генерација во почетна обука на Академијата за судии и јавни обвинители документи поднеле 527 кандидати. Директорката појаснува дека процесот на полагање е прилично долг заради законските рокови и не е лесен. Сите фази се полагаат со полно присуство на десетчлена Комисија за приемен испит, а кандидатите имаат право на увид во стручните (правни) делови од нивниот тест, по што можат да поднесат приговор до Комисијата за приемен испит и жалба до Управниот одбор.
Според Габер Дамјановска, нема да се дозволат никакви бајпасирања, скратени обуки или одредени привилегирани категории на правници за полесен влез во правосудните тела.
-Европската Унија инсистира на овој правец и будно го следи, вклучително и преку опсервација на новиот закон за Академијата кој е во собраниска процедура. Во принцип, мора да постои во нашата држава системско решение од овој вид, преку Академија, за влез на кадрите во правосудството, а тоа е остварливо единствено преку институција од ваков тип, децидна е Габер Дамјановска.
Во продолжение следува интервјуто со директорката на Академијата, Наташа Габер Дамјановска во целост:
Од декември минатата година сте реизбрана за директор на Академијата за судии и јавни обвинители по вториот оглас и промената на дел од Управниот одбор. Кој е вашиот став за пишувањата во медиумите дека на првиот оглас не се избра директор поради наводен обид за ваша смена бидејќи вашите принципи за работа биле професионални, односно не дозволувате притисоци за селективен прием на слушатели?
-Не би можела да коментирам за личниот став при гласањето на кој било член на поранешниот Управен одбор, но при првиот, неуспешен обид за избор на директор на Академијата се манифестираа определени експлицитни нелогичности од правно-процедурален карактер. Имено, Управниот одбор првично едногласно одлучи да го отвори конкурсот за избор на директор, истиот беше објавен во истиот број на Службен весник заедно со други огласи за високи кадровски позиции на судови во државата, на огласот се јавија кандидати кои ги исполнуваа формалните законски услови што беше потврдено од тричлена комисија составена од членови на Управниот одбор, за да потоа при одлучувањето некои членови да изјават дека не е во ред што конкурсот се отворил во летниот период, бидејќи не се јавил доволен број на заинтересирани кандидати. Како резултат на тој коментар, мнозинството членови на телото, без посебно елаборирање или издржан коментар за причините или пак пријавените кандидати, гласаше воздржано и конкурсот практично пропадна. Претставниците на медиумите кои беа присутни на седницата најверојатно ја насетија атмосферата на седницата и пренесоа кон јавноста соодветно. Неформални реакции за ваквото одлучување имаше и од меѓународниот фактор.
Јас верувам дека работев совесно и одговорно во текот на изминатиот мандат, сметам дека мојата досегашна четиригодишна работа покажа резултати и дека треба определени важни процеси во Академијата кои се започнати, а се во склад со крупните реформски процеси на правосудниот сектор во државата, да добијат свое заокружување во наредните неколку години. Од таа причина, со цел да дадам свој понатамошен придонес, се пријавив на повторениот конкурс. Според исходот, евидентно е дека новите членови на Управниот одбор, кои впрочем се номинирани од правосудните органи, имаа поинаков став.
Деновиве повторно е актуелна Академијата откако беа објавени имињата со конечните резултати од завршниот испит на седмата генерација во која има презимиња кои се исти со личности носители на јавни функции. Каков механизам има АСЈО во заштита од непотизам и дали блиските на носителите на фунции во државава имаат право да бидат слушатели на академијата?
-Академијата работи и одлучува почитувајќи ги Уставот и законите на нашата држава. Ако според Уставот секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции, значи и судија, обвинител- според член 23 м.з.и дека секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, член 32 став 2 и со оглед на тоа дека на јавен конкурс отворен за тестирање на кандидати за слушатели во Академијата не смее да се дискриминира, зачудува логиката на жигосување на некои лица само заради нивното звучно име и семејна припадност бидејќи се пријавиле, поминале низ процесот на тестирање, се запишале и потоа ја завршиле почетната обука. Зарем е изненадувачки фактот што токму тие лица што се запишале во Академијата, ако при обуката ги положиле тестовите, практичниот дел од наставата и завршниот испит, – тие завршиле и ќе бидат избрани за судии/обвинители?
Исто така, не сметам дека треба да се критикува семејната традиција по однос на некои професии, напротив, бидејќи тоа не е случај само со правната професија, туку и со други, медицина, инженерство, па и новинарство на пример. За мене е тоа нормално, бидејќи потомството расте во средина во која нивните родители зборуваат за својата работа, поседуваат соодветна литература и информации, негуваат одреден афинитет кој влијае врз нив. Погледнато подлабоко, мислам дека најголемиот број на академци од оваа генерација имаат такви допирни точки со правната професија.
Но она што за мене е најважно, е како овие млади луѓе ќе ја вршат својата професија во иднина, дали ќе покажат ефикасност, резултати и интегритет во нивното работење, без разлика на нивното презиме, бидејќи истиот тест ги чека сите завршени слушатели, не само оваа конретна група за која се зборува во јавноста. Апелирам да им се даде шанса на сите да се докажат, бидејќи и успехот и одговорноста во оваа професија се неизбежно лични.
Она на што секако треба да се внимава од страна на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, е работните позиции на кои овие идни судии и обвинители ќе се постават да не бидат во спротивност со Законот за судир на интереси. По стапувањето на должност, бездруго нивното работење еднакво како и на другите колеги, ќе се прилагоди на стандардните правила за изземање од определени случаи кога постои судир на интереси. Впрочем, двата совета на годишно ниво ја следат и оценуваат работата на сите судии и обвинители, а тоа е битен чинител при унапредувањето.
3. Кој сè може да конкурира за слушател на АСЈО, кои се условите за да не биде одбиен доколку ги положи приемните тестови?
-Иницијално, може да конкурира секое лице кое е државјанин на Република Северна Македонија, кое е неосудувано, нема против него изречена мерка забрана за вршење професија, дејност или должност, кое е дипломиран правник со положен правосуден испит и потребно е да има работен стаж најмалку две години по правосудниот испит. Процесот на полагање е прилично долг заради законските рокови и не е лесен. Се полага странски јазик при Академијата, потоа квалификациски испит, психолошки тест, тест за интегритет, решавање на кривичен и граѓански предмет преку студии на случај и крајно устен дел од испитот. Сите фази се полагаат со полно присуство на десетчлена Комисија за приемен испит. Кандидатите имаат право на увид во стручните, правни делови од нивниот тест, по што можат да поднесат приговор до Комисијата за приемен испит и жалба до Управниот одбор. Откако целата постапка во рамки на Академијата ќе заврши, незадоволните кандидати по однос на освоените бодови, имаат право да покренат управна постапка. Целиот процес одзема долго време, најмалку една година. По окончување на сите овие фази, примени се оние кандидати кои се највисоко рангирани по бодови, за онолку позиции колку се предвидени во склад со однапред определените квоти по етничка заедница. Ако некои квоти од која било причина не се пополнат, на тие места се примаат лицата со највисок број на бодови, без разлика на која квота припаѓаат.
Напоменувам дека еднакви, па дури и потешки процеси на тестирање за влез во академиите за обука на судии и обвинители кои се одвиваат во бројни европски земји и во Турција.
Заврши јавниот оглас за прием на 130 слушатели во почетна обука на Академијата за судии и јавни обвинители. Колку кандидати се пријавија за IX генерација кои ќе се обидат да го поминат приемниот испит за предвидените места?
-Свои документи поднесоа 527 кандидати, а Комисијата за приемен испит нив наскоро ќе ги прегледа и провери дали се во согласност со објавениот оглас.
Во последниот Извештај на ЕК за земјава се нагласува дека е важно новиот закон за Академијата да гарантира дека таа ќе остане единствена влезна точка во судско-обвинителската фела, како и дека ќе гарантира фер и транспарентен влез во овие професии. Колку сегашното законско решение го гарантира сето ова?
-Мора да се знае дека Академијата која е формирана пред 15 години е „дете“ на Европската Унија и е тука за да остане. Системската поставеност и внатрешната организација на Академијата, програмата, текот на прием и почетна обука како и континуираната обука уште од почетокот на нејзиното постоење се поставени по теркот на бројни други европски држави. Тоа беше резултат на бројни претходни експертски мислења и анализи како КАРДС, ИПА и ТАИЕКС, вклучително и препораките на оценската мисија на ТАИЕКС и Прибе и ако споредите како изгледаат и функционираат на пример француската, шпанската, турската и други академии ќе најдете бројни сличности.
Нема да се дозволат никакви бајпасирања, скратени обуки или одредени привилегирани категории на правници за полесен влез во правосудните тела. Европската Унија инсистира на овој правец и будно го следи, вклучително и преку опсервација на новиот закон за Академијата кој е во собраниска процедура. Во принцип, мора да постои во нашата држава системско решение од овој вид, преку Академија, за влез на кадрите во правосудството, а тоа е остварливо единствено преку институција од ваков тип.
Крајно, морам да напоменам дека Академијата редовно го следи развитокот и трендовите на правосудната едукација која се одвива во за тоа специјализирани европски едукативни институции како EJTN, ERA, EIPA, ENM, SSR и други и врз база на тоа контунуирано ги ревидира и прилагодува своите програми. Правиме годишни обуки на обучувачи и постојано ја освежуваме листата на предавачи. Горди сме што имаме одлична соработка со сите наши домашни и странски соработници, што е во функција на добра и квалитетна едукација на кадрите во правосудството.